за

Единствениот преживеан Supersport во музејот на Skoda

Уште во 1950-те години Skoda 996 Supersport возеше со 180 КС и 200 km/h

Единствената преостаната Skoda 966 Supersport од 1950 година го поврати стариот сјај и по неколкугодишна реставрација е изложена во музејот на чешката марка.

Од Skoda 966 Supersport се произведоа само три примероци во 1950-година. Од нив преживеа само еден и продолжи да се трка до 1962 година. Потоа уникатот се наоѓаше во сопственост на чешкиот тркач Иван Мичик. Музејот на Skoda го откупи тркачкото возило во 2007 година и започна со темелна реставрација. Skoda 996 Supersport сега е во истата состојба како во натпреварувачката сезона во 1953 година.

Техничарите особено ја ценеа приспособливоста на тркачката Skoda со алуминиумска каросерија. Со отстранувањето на совозачкото седиште и демонтажата на крилата, спортската Skoda веќе беше подготвена за трки. Првата трка се одржа во мај 1950-та во Млада Болеслава. Во третата трка во сезоната, Supersport претрпе значително оштетување и мораше да се замени со ново возило. Фабричкиот тим настапуваше со две возила, па веднаш беше изработено и третото возило. Токму ова последно возило во серијата остана неоштетено и доживеа да биде изложено во музејот на Skoda.

Конкретниот примерок за прв пат возеше на трката за големата награда на Чекословачка, на 24-ти септември 1950. Тркачот Мирослав Фоусек го освои второто место во класата до 1.100 сантиметри кубни. Следната сезона започна со победа во класата на спортски автомoбили на трката во Либерек. Во последувателните години обете возила се појавуваа на трките. Skoda постојано го усовршуваше возилото, особено моторот. Агрегатот од 1.089 сантиметри кубни потекнува од Skoda Tudor. За учество на трки, моторот доби нова алуминиумска глава со полусферични комори за согорување. Постоеше атмосферска верзија со два карбуратора и посилна изведба со еден или два компресора. Возилата се разликуваа однадвор по хаубата. Верзијата со компресорско натполнење имаше пониска хауба.

Благодарение на варијабилноста на моторот, а особено на брзината на преправката, обете возила Skoda 966 Supersport можеа да возат во класата до 1.100 сантиметри кубни со карбуратор или до 1.500 сантиметри кубни со компресор. За натамошноз зголемување на моќноста, Skoda подоцна ја зголеми зафатнината на моторот на 1.221 сантиметри кубни. Во последната фаза, под хаубата се најде мотор од 1,5 литар со четири карбуратора или со еден или два компресора. Кабураторскиот мотор ослободуваше 90 КС, додека компресорската постигнуваше до 180 КС и крајна брзина од околу 200 километри на час.

Паралелно се вршеа подобрувања и на самото возило. Заради подобро ладење, комперсорот кај верзијата со натполнење беше вградена зад ладилникот. Во 1953 година беше вградена пониска маска во комбинација со овален отвор за воздух, заради подобра аеродинамика. На крајот на истата година почна да се вградува и новиот мотор од 1,5 литар. Со измерена крајна брзина од 197,8 километри на час, Skoda 966 Supersport беше најбрзиот чекословачки автомобил.

Последните каросериски преправки се случија во 1954 година. Supersport доби поголеми крила, коишто беа фиксирани на каросеријата. Јарослав Нетушил стартуваше со сега реставрираниот примерок во 1955 година. Една година подоцна започна развојот на наследникот, Skoda 1100 Special OHC. Подоцна, Supersport се користеше за тренинг за помладите тркачи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Моделско освежување за најмалечкиот Audi

Четири викенди пробно возење на новите модели на Nissan