230 километри на час можеби изгледаат малку како за рекорд. Но, кога се постигнуваат без возач зад воланот, работите изгледаат понаку. Овој Audi не само што крева брзина, туку и се трка.
Пред да ги освои првите три места во финалната трка во германскиот шампионат на кружни патеки DTM и да ја обезбеди шампионската титула меѓу марките, Audi не пропушти да ја докаже својата супериорност во автономното возење пред публиката на Хокенхајмринг. Прототипот на Audi RS7 со прекар „Боби“ ја извозе тркачката патека за формула 1 за нешто повеќе од две минути, поставувајќи рекорд за најбрз роботизиран автомобил во историјата.
Светскиот шампион во фудбал Бастијан Швајнштајгер го означи стартот, за прототипот со 560 КС да отпочне со подвигот. Зад воланот, никој. Веќе на првиот правец, RS7 достигна брзина од 180 километри на час, за следниот свијок да го совлада лесно и без ниту една корекција на правецот.
„Боби“ преку безжична мрежа добива сигнали од сателитите што се точни до милиметар, а тридимензионалната камера зад ветробранот испорачува дополнителни податоци. За нивната обработка е задолжен компјуерот во багажикот, којшто со безбројните кабли изгледа како кокпитот на вселенскиот брод „Милениум Фалкон“ на Хан Соло. Со помош на оваа техника, RS7 ја извозе тркачката патека без возач и без каква било далечинска контрола.
Времето на круг на „Боби“ изнесуваше само малку повеќе од две минути, а крајната брзина беше 230 km/h. Просечен возач со добар тренинг на патеката нема да извози подобро. Шампионот Марко Витман сепак е недостижен за роботизираниот Audi. Неговото време е подобро за половина минута.
Автомобилите без возач сепак ги постигнуваат овие перформанси само на точно измерени патеки и во нормални временски услови. Шампионат со роботизирани автомобили уште долго време нема да има. Техниката којашто овозможи Audi RS7 да го постави рекордот, во почетокот нема да се користи во автомобили без возач, туку само во делумно автономни автомобили.
За возачите уште ќе има работа зад воланот. Може да се очекува помош од автономијата на автомобилот при пониски брзини на возење, на пример во градски застој, кога електрониката ќе го поштеди возачот од постојано забрзување и запирање како што (не) се движи колоната. Дремнувањето зад воланот, додека автомобилот се движи самостојно, ќе остане само сон, меѓу другото и поради законските прописи. Тие не дозволуваат автомобили без возач.
















