за

Овој Ford има три срца: Mondeo со хибриден погон

Како хибриден автомобил, Mondeo Hybrid во Македонија би бил ослободен од акциза во висина од 5.400 евра

Новиот Mondeo конечно пристигна во Европа, а со него за првпат пристига и верзија на моделот со хибриден погон. Петметарскиот крстосувач со овој погон троши помалку и од Fiesta.

Во новата моделска генерација на Mondeo за првпат ќе се нуди и верзија со хибриден погон. Mondeo Hybrid е воедно и прв автомобил со штедливиот погон што Ford ќе го произведува во Европа, во шпанската фабрика во Валенсија, заедно со конвенционално моторизираните модели од гамата. Mondeo, сепак, само условно може да се води како нов модел, исто како и неговата хибридна верзија. Тој се продава на северноамериканскиот пазар веќе две години под моделското име Fusion, кадешто Ford во меѓувреме успеа да се искачи на второто место на најпродавани марки со хибриден погон.

Единствено Mondeo Hybrid е достапен во лимузинска изведба

Хибридниот Mondeo е единствен во целосно обновената серија којшто на европскиот пазар се нуди во класичната лимузинска форма со четири врати, додека верзиите со конвенционални мотори се достапни само во комбилимузинска изведба со пет врати и како комби. Освен по формата на каросеријата, Mondeo Hybrid нема други белези што го разликуваат од стандардните модели. На штедливиот погон укажува единствено логото назад и на предните крила. Поголема разлика има во багажникот, поточно во неговата зафатнина. Батериите за хибридниот погон одземаат 40 литри од просторот, така што багажникот се намалува на 390 литри.

Еден електромотор напред, еден електромотор назад

Во новиот Mondeo се вградува хибриден погон што самостојно е развиен во Ford и во меѓувреме го има достигнато третиот стадиум во развојот. За погонот се грижат два електромотора. Едниот е под предната хауба и му ја олеснува работата на бензинецот, додека вториот електромотор е сокриен зад задната клупа. Задачата на вториов е да функционира како генератор, односно кинетичката енергија при сопирањето или забавувањето да ја претвора во електрична енергија за полнење на литиум-јонските батерии. Нивниот капацитет изнесува 1,4 киловатчас.

До пет километри со струјата во батериите

Со релативно малиот капацитет на батериите не може да се очекува голема автономија на погонот на струја. Ford наведува податок дека со енергијата во батериите може да се вози до пет километри чисто на струја, со крајна брзина ограничена на 135 km/h. За разлика од Toyota Prius или Volkswagen Golf GTE, хибридниот Mondeo не поседува копче EV за возачот да може во секое време да го вклучи само електричниот погон – доколку има доволно струја за тоа.

Во комбинација со дволитарски бензинец се добива системска моќност од 187 КС и максимален вртежен момент од 300 Nm при 1.750 вртежи. Тоа е доволно за крајна брзина од 187 km/h и забрзување до сто за 9,2 секунди. Најинтересниот податок секако е потрошувачката. Според фабричките норми, Mondeo Hybrid просечно троши 4,2 литри и има емисија на СО2 од 99 g/km, што му овозможува повластици при регистрирањето и експлоатацијата во европските земји.

Со оваа потрошувачка, близу петметарскиот крстосувач со дозволена тежина до 2,25 тони е на ниво со Fiesta. Сосема очекувано, хибридниот Mondeo покажува најголема предност при возење во град. Според Ford, кога моторот и електромоторите работат заедно и кога секое сопирање се користи за полнење на батериите, Mondeo Hybrid троши 2,8 литри бензин на сто километри.
Големиот дисплеј на когошто се прикажува актуелниот режим на работа на погонската спрега не недостига ниту во хибридниот Mondeo. Купувачите на хибридни возила очигледно не можат да возат без овие информации. Дизајнерите во Ford настојуваа да го сведат на минимум бројот на дисплеи во кокпитот на Mondeo, а кај обичните модели тоа и се случи, но по консултациите со потенцијалните купувачи произлезе дека ова „авто кино“ е неизбежно кај хибридниот модел.

Хибридниот Mondeo во Македонија е ослободен од акциза од 5.400 евра

Колку што е интересна ниската потрошувачка на Mondeo Hybrid, толку е поинтересна неговата цена. Во споредба со моделот со дволитарски дизел со 180 КС, хибридниот Mondeo во германскиот ценовник на Ford, со цената од 34.950 евра е поскап за само 900 евра, односно е околу 2.100 евра поскап од моделот со новиот 1,5-литарски турбобензинец со 160 КС. Притоа, Mondeo Hybrid е дури и во предност со серискиот менувач со контунирано променлив преносен однос (CVT). Доплатата за автоматски менувач кај моделите со конвенционален мотор изнесува 2.700 евра. Ќе биде интересна и цената на хибридниот модел во Македонија, кадешто оваа категорија на возила е ослободена од плаќање на акциза, што во случајот на големиот Ford би изнесувала повеќе од 6.000 евра. Оттука е можно хибридниот Mondeo да биде значително поевтин од дизелските модели, но официјалната потврда за тоа би следела само по комерцијализацијата на моделот на нашиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Брзопотезни милионери: Porsche 918 Spyder веќе распродаден

„Кактусот“ на Citroen се продава подобро од очекувањата