
Американец конструираше автомобил што троши само три литри бензин на сто километри и се очекува во продажба да чини 6.800 долари, односно околу 5.300 евра.
Инженерот и поранешен вработен во Johnson Control, Пол Елио од Мичиген, САД, планира кон крајот на 2015 година да пушти во продажба исклучително штедлив автомобил по сензационална цена од 5.300 евра. За погонот служи обичен трицилиндарски мотор со зафатнина од 900 сантиметри кубни од германска продукција, со моќност од 55 КС и просечна потрошувачка пониска од три литри бензин на 100 километри. Во комбинација со обичен мануелен менувач, овој автомобил постигнува крајна брзина од 160 km/h и забрзува до сто за околу 10 секунди.
Основната идеја за лесниот автомобил со три тркала и две седишта поставени едно зад друго потекнува од германскиот Messerschmidt, произведуван во повоениот период. Аеродинамичната каросерија на автомобилот тежок 555 килограми е изработена од пластика и поставена е на носечка цевна рамка. Одзади се наоѓа мал багажник, а за превоз на поголеми предмети е можно да се собори задното седиште. За безбедноста ќе се грижат АВЅ, челни и странични воздушни перници и цврст заштитен кафез. Производителот дава гаранција за три години и 36.000 милји, односно околу 58.000 километри.

Цената на автомобилот во САД ќе изнесува 6.800 долари или околу 5.300 евра. Elio се регистрира како мотоцикл и во американските метрополи ја има привилегијата при сообраќаен метеж да вози на посебна сообраќајна лента за јавниот превоз и за возилата со ниска емисија на штетни гасови. Според изјавите на Пол Елио, за возилото веќе постојат околу 35.000 преднарачки.















