за

Новиот Mondeo: Сите детали за знаменосецот на Ford

Марката со синото лого денес ги откри сите детали за новиот Mondeo: Мотори до 240 КС, нова задна оска со интегрални водилки и систем што реагира и во управувањето заради спречување судир.

Новиот Mondeo е прв модел на Ford што преку систем од камери и радари ја препознава опасноста од судир и со зафат во управувањето може да помогне во спречувањето на незгодата. Тоа сепак не е единствената техничка иновација со којашто знаменосецот на марката од Келн ја предизвикува конкуренцијата. На денешната конференција за печат, Ford објави дека во следниот период ќе го воведе во понудата и новиот 2.0 TDCi со 210 КС и вртежен момент од 450 Nm. „Новиот Ford Mondeo е најнапредното возило на Ford пто воопшто е воведено на европскиот пазар“, изјави Улрих Кестерс, одговорен за моделската гама на марката. „Функциите како системот против колизија, со препознавање пешаци, дава дополнителна безбедност во возењето во градскиот метеж.“

Овој систем реагира при брзини до 80 km/h и има за цел да ја намали сериозноста на ударот. Кога ќе се препознае пешак на патот, возачот прво добива акустично и звучно предупредување. Доколку возалот не реагира, во сопирачките се создава полниот притисок на сопирање, дури и ако возачот не притиска на педалот. Тоа помага за драстично скусување на патот на сопирање во последната секунда. Ако возачот и натаму не реагира, сопирачките се активираат самостојно, возилото запира автоматски. Во тестирањето на новиот систем, Ford помина повеќе од 500.000 километри, што сведочи за зрелоста на техниката.

„Асистентот при колизија“ е составен дел од Active City Stop, којшто ги спречува судирите при пониски брзини, односно ја намалува сериозноста на судирот. За таа цел, системот користи ласери коишто постојано го следат растојанието од возилото напред. Ако тоа возило забави или сопре нагло, системот го покачува притисокот во сопирачките и при неизбежен судир самостојно сопира. Active City Stop функционира до брзини од 40 km/h и дополнително поседува и систем за следење лента.

Радарската технологија овозможува и други фунции, како на пример приспособлив темпомат ACC, којшто го одржува постојано растојанието од возилото напред. При намалување на ова растојание, системот активира тристепено оптичко предупредување. Предната камера што е вградена во ветробранот помага и при следење лента, односно преку вибрации го предупредува возачот дека ја прегазува лентата, но по потреба презема зафат и во управувањето, за возилото безбедно да се врати во лентата.

Ford најави и дека во иднина ќе ја збогати понудата на мотори со моќниот 2.0 TDCi со 210 КС и 450 Nm. Меѓу останатите новитети во гамата на мотори е комплетно новиот 1,5-литарски бензинец EcoBoost, големиот брат на наградуваниот еднолитарски мотор. Сите мотори поседуваат систем старт стоп и покриваат дијапазон на моќност меѓу 115 и 240 КС. За прв пат во Mondeo ќе се вградува и хибриден погон, со дволитарски бензинец, електромотор и литиум јонска батерија со капацитет од 1,4 киловатчас. Системската моќност на хибридот е 177 КС, а просекот според фабричките мерења изнесува само 4,2 литри бензин на сто километри.

За новиот Mondeo стојат на располагање два дизела TDCi, со зафатнина од 1,6 и 2,0 литри, со моќност од 115, 150 и 180 КС, како и два бензинци, 1.5 EcoBoost со 160 КС и 2.0 EcoBoost со 203 и 240 КС. Најштедлив во гамата е Mondeo со 1,6-литарски ECOnetic и потрошувачка од 3,6 литри дизел. Дури и најсилниот дизел со 210 КС ја задржува штедливоста, со просек од 4,1 литри. Од следната година ќе се вградуваат и трицилиндарскиот 1.0 Ecoboost, меѓу другото познат од Focus, а за прв пат Mondeo ќе се нуди и во верзија со погон на сите тркала.

Како прв модел на база на новата платформа CD, Mondeo поседува усовршена интегрална задна оска, којашто во комбинација со посебна акустична изолација во подот и поткрилата се грижи за исклучително ниско на бучава во кабината. Во истата насока се оптимирани и каросеријата и прозорците. Заптивките на вратите и прозорците, како и новата форма на ретровизорите овозможуваат ниво на бучност којашто досега беше вообичаена само во премиум сегментот. Заради намалување на бучноста, меѓу другото и задното стакло е подебело за 0,4 милиметар.

„Благодарение на новата структура на возилото, која што е за 10 проценти покрута отколку кај претходникот, како и напредните технологии од типот на регулација на возната динамика Torque Vectoring Control, новиот Mondeo одушевува со досега недостигната агилност и многустраност“, појаснува Кестерс. Друг новитет е примената на челик со висока цврстина, пресуван со хидроформинг-постапка, за предните и средните столбови, како и за рамката на покривот. Дури 61 процент од каросеријата е изработена од челик со висока цврстина. Заради намалување на тежината, задниот капак кај лимузината и комбилимузината е изработен од легура што содржи магнезиум. Во верзијата со 1,5-литарскиот EcoBoost, новиот знаменосец е цели 115 килограми полесен од претходникот со споредлива моќност.

Ford е прв производител во светот што го воведе системот од воздушни перници интегрирани во задните безбедносни ремени и оваа техологија се вградува и во новиот Mondeo. Со раширувањето на воздушната перница од ременот, површината што го прима оптоварувањето е петпати поголема, што значи дека соодветно е помало и оптоварувањето на телото при судир.
Меѓу новитетите во четвртата генерација на Mondeo се вбројуваат и приспособливите предни светла со светлечки диоди, премиерно во марката, потоа усовршениот систем за мултимедиско поврзување SYNC 2 со дисплеј од 8 инчи и говорни команди за управување со клима уредот, радиото, навигацијата, па дури и со паметниот телефон.

Германците веќе го објавија ценовникот за новиот Mondeo, со 27.150 евра за верзијата со 1.5 EcoBoost со 160 КС, во нивото на опрема Trend. Дволитарскиот бензинец со 203 КС чини 34.150 евра, моментно само во највисокото ниво Titanium, додека верзијата со 240 КС чини две илјади евра повеќе. Хибридниот Mondeo во Германија чини 34.950 евра. Дизелската понуда стартува со 1.6 TDCi за 28.200 евра, потоа следува 2.0 TDCi со 150 КС за 29.950 евра, односно 31.450 евра за верзијата со 180 КС, сите во ниво на опрема Trend. Нивото на опрема Trend за германскиот пазар вклучува двозонска автоматска клима, мултифункциски кожен волан, програмабилен клуч MyKey, магленки, челични бандажи од 16 инчи со гуми 215/60, електрика на сите прозорци, електронска паркирна сопирачка, седум воздушни перници, радио со приклучок USB и помош при поаѓање на нагорнина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ако не може цел автомобил, тогаш барем парфемот: Bentley Blue Crystal

Volkswagen Golf Alltrack: Овој Golf вози и по терен