Во „Светот на BMW“ обично пасионираните зависници од марката ги преземаат новите возила. Денес сепак се појави нешто друго: Тркачки M1 од 1979 година, врвно реставриран во BMW.
Масакуни Хособучи од Јапонија е успешен бизнисмен и претседател на клубот на BMW во земјата, но најмногу е пасиониран колекционер на моделите M од BMW. За овој господин од Далечниот Исток беше приреден посебен настан во „Светот на BMW“ во Минхен, со предавањето на врвно реставриран уникат од моделот M1 од 1979 година, подготвен за тркачката серија Procar. Овој уникатен модел повеќе години се наоѓаше во рацете на врвните реставратори на баварската марка.
„BMW ми е голема страст и Procar ќе добие почесно место во мојата колекција. Огромно задоволство ми претставуваше возилото да го добие стариот сјај по повеќе години учество на трките. Никој друг не можеше да го направи тоа подобро од самиот производител,“ открива Хособучи. Овој колекционер не пропушти да го стартува моторот на тркачкиот автомобил, предизвикувајќи ракоплескање на бројните посетители во центарот на марката, по што замина да направи неколку кругови по долго време.

Тркачката серија Procar се возеше со BMW M1 во 1979 и 1980 година, како претходница за гранпри трките во формула 1. Најбрзите пилоти во формула 1 во тоа време, како Ники Лауда или Нелсон Пике, возеа во возбудливи дуели против приватни возачи. Нелсон Пике и Ханс-Јоаким Штук со возилото на Хособучи победија во класата и го освоија третото место во генерален пласман на трката 1000 Километри Нирбургринг во 1980 година.
Во светот на BMW секојдневно се предаваат меѓу 80 и 120 нови возила на сопственици што сакаат лично да го преземат возилото и да посетат спектакуларниот центар на марката. Од отворањето на центарот во 2007 година, преку 20.000 купувачи имаат преземено возило во „Светот на BMW“, од кои дури 2.000 имаат допатувано од САД.
















