Што бара штекер за струја на Hyundai со погон на водород?

Холандски научници го претворија водородниот Hyundai ix35 во електрична централа – вградувајќи му штекер за струја. Возилото може да испорачува струја за домот, произведена чисто и ефикасно од водород.

Технолозите на холандскиот универзитет Делфт успеаја да проектираат и инсталираат приклучок за струја во Hyundai ix35 Fuel Cell, претворајќи го на тој начин возилото со погон на водород во своевидна електрична централа. Јапонските производители веќе одамна истражуваат на ова поле, а сега и Европа се приклучува за првпат на оваа идеја со којашто се отвораат нови гледишта на мобилноста и на енергетиката.

Според холандските научници, ова претставува голем чекор напред кон иднината, којашто се базира врз автомобилите со погон на водород како чист извор на енергија. Овие автомобили можат да произведуваат електрична и топлинска енергија, па дури и чиста вода, преку хемиската реакција на водородот од резервоарот и кислородот од атмосферата, за енергијата понатаму да се користи и за напојување на домаќинствата, училиштата или канцелариите.

Во 13 европски држави е активен возниот парк од над 250 возила со водороден погон Hyundai ix35 Fuel Cell
Во 13 европски држави е активен возниот парк од над 250 возила со водороден погон Hyundai ix35 Fuel Cell

Идејата водородните автомобили да се користат како извор на енергија потекнува од фактот што возилата обично минуваат во движење само 5 проценти од времето. За разлика од возилата со обичен погон на фосилни горива, водородните автомобили може да се користат за производство на електрична енергија додека се паркирани. Предноста е во тоа што производството на енергија од водородот е поефикасно и почисто за животната средина, наспроти постоечките енергетски системи. Како „отпадни“ материи од процесот произлегуваат само топлина и чиста вода.

Вградената водородна погонска единица во Hyundai ix35 Fuel Cell располага со капацитет од 10 киловати, што е доволно за покривање на потребите на десет просечни домаќинства. Со вградувањето на приклучокот за струја, холандските иноватори го модифицираа автомобилот да испорачува електрична енергија директно во домот или во електродистрибутивната мрежа. Следниот предизвик за научниците од универзитетот Делфт ќе биде изведување на системи на домаќинства, коишто ќе ги покриваат енергетските потреби со комбинација од соларни колектори и со енергијата од водородните автомобили. „Единствен“ проблем е тоа што цената на водородот како погонско гориво е повисока во споредба со фосилните горива – настрана фактот што инфраструктурата од станици за точење водородот уште е во зачеток.

Hyundai ix35 Fuel Cell е првиот автомобил со погон на водород од сериско производство. Во моментов по европските патишта возат над 250 примероци од ix35 Fuel Cell во 13 земји. Според Hyundai, никој друг производител не располага со поголем активен возен парк од автомобили со погон на водород.

Претходна објаваNissan GT-R: Годзила во напреден стадиум на беснило
Следна објаваКолку чинат сообраќајните прекршоци во странство

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here