Автонацијата се подготвува за „националниот“ празник. Следната недела започнува салонот во Франкфурт. Не постои салон каде што штандовите се поскапи и поспектакуларни отколку на IAA. Авто-браншата тука е на домашен терен.
Новитетите за салонот во Франкфурт во оваа година можеби нема да бидат толку многубројни како во рекордните години, но тоа воопшто не го менува расположението на производителите на автомобили. Не постои место каде што се посветува повеќе внимание и пари отколку покрај саемската кула во германската финансиска метропола Франкфурт. Тука помалку е важна бројноста на посетителите. Ова е мегданот каде што се одмеруваат силите во браншата, настапот на IAA е визит карта на автомобилските концерни што го имаат освоено светот.

Можеби Кина и САД во моментов се поважни пазари на глобално ниво, поради бројот на продадени возила, но Европа, а особено Германија е таа што го диктира развојот на автомобилите. Во двете седмици на 66-то издание на автосалонот во Франкфурт ќе биде мошне возбудливо. Не смее да биде поинаку, производителите сепак имаат издвоено меѓу 20 и 80 милиони евра за своите штандови на салонот.
BMW со 400-метарска патека за пробно возење на новитетите на салонскиот штанд
Најголем труд на секои две години вложува Daimler со своите марки Mercedes, Smart и Mercedes-AMG, кој свечената дворана во Франкфурт ја претвора во еден вид на автомобилски храм. BMW уште од пред неколку години ја има резервирано новата хала 11, ослободувајќи го плоштадот „Агора“ за Audi, кој со двоцифрени милионски суми тука го создава совршениот свет на марката со четирите прстени. На штандот на BMW со површина од 12.000 метри квадратни и на кружната патека околу него во должина од 400 метри ќе дефилираат новата серија 7, како и новиот X1. Тоа ветува единствено доживување за посетителите на салонот во оваа година.
Другите марки настапуваат многу поскромно. Европската централа на Kia се наоѓа директно покрај франкфуртското сајмиште и Kia е единствениот производител што располага со сопствена порта на саемот. Корејскиот производител има штанд со број B03 во деветтата хала. Додека Daimler или Volkswagen започнуваат со поставувањето на штандовите три до шест недели пред отворањето на IAA, монтерите на Kia стартуваа со работа дури на 4-ти септември, единаесет денови пред неофицијалниот почеток на салонот. За убавата атмосфера околу 18-те возила на штандот ќе се погрижат и 28 хостеси. Во центарот на вниманието ќе бидат новите Sportage и Optima, како и освежениот Ceed. Главен белег на штандот ќе биде огромниот видеопанел од 36 х 6 метри, составен од 4,8 милиони светлечки диоди, кои според тоа можат да репродуцираат близу пет милиони различни нијанси на боја. Секоја одделна светлечка диода може да работи во 16.777.000 различни нијанси. Резултатот од овие комбинации се преку 80 милијарди нијанси. Со право се вели дека нема друго шоу како IAA.
270 полни камионски товари за транспорт на материјалите за штандот на Volkswagen
Концернот Volkswagen ја запоседна третата саемска сала во рок од три недели. На 8.893 метри квадратни, сите марки од концернот ќе ги прикажуваат автомобилите од светот на Volkswagen од денешницата и од утрешнината. За на штандот да се претстават преку 50 возила се поставени 200 километри кабел и преку 200 тони челик. Силна светлина од илјадници рефлектори се подразбира, за Tiguan, Passat и Golf да се прикажат во најдоброто светло.

Mercedes најавува дека ќе ја донесе иднината на автомобилите во свечената дворана. За таа цел, во изградбата на саемскиот штанд 150 работници се ангажирани цели 63 денови. Со површина од 9.250 метри квадратни, Швабите имаат уште поголем штанд од Volkswagen. По премиерата за медиумите во понеделник, на 14-ти септември, на штандот ќе се прикажат преку 70 возила. Ако градежниот зафат на Volkwagen се чини гигантски со преку 200 тони челик, за споредба бројките од штандот на Mercedes: За максимално да се искористи висината на објектот од 18 метри, должината на носечките цевки од 145 метри и 2.025 метри ламели се вградени 850 тони челик. Целата сцена ќе биде осветлена со 4.500 светлечки модули, покриени со 235 километри кабел.
Audi гради цела хала на плоштадот Агора во рамките на франкфуртското сајмиште
Конкурентот Audi исто така стартуваше со подготовките за салонот 18 недели пред отворањето на IAA. Во градежната фаза што започна во средината на јули се ангажирани 800 лица, 40 вилушкари и платформски дигалки. Во внатрешноста на специјално изградената хала се поставени 200 километри кабел, 700 метри квадратни панели со светлечки диоди и 640 скалила за раздвојување на 33-те изложени возила. Салонски ѕвезди се Audi A4 и студијата на кросовер со електричен погон Audi e-tron quattro concept. За кетерингот, логистиката и за штандот се ангажирани 375 лица. Лука де Мео, првиот човек на маркетингот во Audi, ветува многу: „Никогаш досега салонскиот настап не сме го организирале толку тематски посветено како сега. Никогаш досега иновациите на Audi не биле објаснети толку детално како сега. Притоа, на нашите посетители ќе им понудиме поголемо доживување од кога било досега.“ Audi настапуваше со посебен објект уште на претходните две изданија на салонот во Франкфурт, во 2011 и во 2013 година.

За споредба, кај францускиот концерн PSA, со неговите две и пол марки Peugeot, Citroen и DS е многу поскромно во осмата хала. Во центарот на салонскиот штанд од 2.600 метри квадратни ќе се најдат Peugeot 308 GTi, различни концепти на мобилност и студијата Fractal. Citroen на соседниот штанд со 2.000 метри квадратни ќе ја претстави студијата Cactus M, како и новите технологии на марката и учеството во светскиот шампионат со туристички возила, додека партнерската марка DS на 800 метри квадратни ќе ги покаже новаците DS4 и DS4 Crossback, воедно одбележувајќи ја и 60-годишнината од легендата на легендите, Citroen DS. Со тоа, салонот конечно може да започне, сé додека на 27-ми септември повторно се спакуваат штандовите и си заминат тешките влекачи. Потоа повторно следува пауза од две години и веројатно уште поголем спектакл од претстојниот.
















