Во интервју за германски магазин, шефот Таварес изрази незадоволство од слабата продажба на марките Peugeot и Citroen на најголемиот пазар за автомобили во Европа. Двете марки постигнуваат удел од само 3 проценти.
Карлос Таварес, првиот човек на францускиот концерн PSA Peugeot Citroen, во интервју за германскиот магазин „auto motor und sport“ изрази разочараност од слабата продажба на возила од двете марки на германскиот пазар, каде што „купувачите не се толку убедени во вредноста и привлечноста“ на автомобилите од марките Peugeot и Citroen.
„Незадоволителните резултати во Германија во голем дел произлегуваат од фактот што германските купувачи не се толку одушевени од нашите модели, како Шпанците, Французите, Австријците или Холанѓаните“, изјави Таварес за германскиот магазин за автомобили. Според него, двете француски марки мора да го подобрат својот имиџ и да ја унапредат продажната мрежа во Германија, каде што обете марки годинава постигнуваат заеднички удел од 3,3 проценти, наспроти 21 процент пазарно учество на Volkswagen или 7 проценти на Opel.
Француската влада и кинескиот Dongfeng поседуваат по 14,1 проценти од акциите во PSA, откако концернот мораше да отстапи дел од своите акции и да го изгуби статусот на независен производител.
PSA очекува годинава за првпат да забележи профит, по постојаната загуба што ја бележеше од 2011 година наваму, но слабеењето на кинескиот пазар на автомобили и валутните колебања го ставаат и тоа под знак на прашање.
















