Дванаесетте примероци на E-Type со алуминиумска каросерија беа ценети тркачи во 1960-те. Половина век подоцна Jaguar ги изработи шестте примероци што недостигаа.
Во почетокот на 1960-те години беа изработени само дванаесет од вкупно планираните 18 примероци од Jaguar E-Type Lightweight. Историскиот оддел на британската марка со богата традиција реши да ја комплетира серијата по повеќе од половина век. Ќе се изработат шест примероци од тркачката легенда со алуминиумска каросерија, со истата спецификација како во 1963 година – во рачна изработка. Овие возила ќе го носат и истиот број на шасија што веќе беше резервиран за нив пред 50 години.
Исто како нивните искористи претходници, новите примероци од E-Type Lightweight од 2014 година имаат каросерија од алуминиум, на што укажува и додавката „Lightweight“. И покрај огромниот технолошки напредок што е постигнат од 1960-те години, во Jaguar намерно решија да не користат помодерни материјали или методи на изработка. Со тоа би се изгубила оригиналноста на возилото, но нема да се задоволат ниту предусловите за хомологација од FIA за учество на трки на олдтајмери.
Моторот на историскиот E-Type Lightweight потекнува директно од 3,9-литарскиот шестцилиндарец со когошто Jaguar D-Type последен пат победи на 24-часовната трка во Леман во 1957 година. Инженерите тогаш ја презедоа конструкцијата на моторот од D-Type, но блокот го изработија од алуминиум. Овој мотор со три двојни карбуратори Weber 45DCO3 постигнува моќност од 340 КС при 6.500 вртежи.
Првиот прототип од ексклузивната серија E-Type Lightweight ќе биде претставен на собирот на олдтајмери во Пебл Бич на 14-ти август. Овој примерок нема број на шасија, поради што се води како „Car Zero“ и ќе остане во сопственост на Jaguar. Другите шест возила ќе се изработуваат индивидуално, по нарачка на купувачите, при што ќе можат и лично да се консултираат со главниот дизајнер Јан Калум. Цените за стариот нов олдтајмер не се откриваат. Но, вредноста на оригиналите од 1963 година надминува повеќе милиони евра. Во секој случај, во цената на шестте ексклузивни парчиња Lightweight е вклучен луксузен часовник лимитиран на шест примероци.
















