По преоѓањето на турбонатполнење во 911 Carrera, револуцијата во Porsche продолжува и во помалата моделска серија. Boxster и Cayman со фејслифтот ќе добијат турбо четирицилиндарци.
Големиот брат прв го направи чекорот, сега следи помалиот брат. Во Porsche 911 по фејслифтот работи трилитарски боксер со турбонатполнење. Тоа што е еднакво на богохулие за најзакоравените верници во марката, претставува неопходност за намалување на потрошувачката на гориво и исполнување на строгите норми за издувни гасови. Затоа, истиот чекор сега го прави и двојката Boxster и Cayman. Прототипите од идниот модел веќе се тестираат во јавноста, а капараците успеаја да уловат неколку снимки од кои што се наѕираат промените во моделот.

Промените во надворешноста сепак се незначителни и се сведуваат на нови браници и ретровизори. Задниот спојлер повеќе не се „слева“ во задните светла. Тие пак добиваат нова графика на светлечките диоди. Сегашните биксенонски светла по фејслифтот ќе се заменат со диодни светла.
Турбо-четирицилиндарецот ќе биде посилен од сегашниот шестцилиндарски боксер
Најзначајни се промените во средишно вградениот мотор. Во Cayman сега работи атмосферски боксер со шест цилиндри, со зафатнина од 2,7 и 3,4 литри. Од следната година, најмалечкиот спортски автомобил на Porsche ќе добие мотори со четири цилиндри, за првпат по моделот 968 кој се произведуваше до 1995 година. Со турбонатполнење, новиот четирицилиндарски боксер ќе ослободува веројатно 25 коњски сили повеќе од актуелните мотори, односно 300 КС во Cayman и 350 КС во Cayman S. Неизвесно е дали обата модела ќе добијат мотор со зафатнина од два литри, или во посилниот Cayman S сепак ќе работи мотор од 2,5 литри. Поголема е веројатноста дека ќе има две различни зафатнини, заради уште посилните верзии GTS и GT4. Деталите ќе бидат познати следното лето.

















