Работат гените од хиперспортскиот Porsche 918 Spyder, од когошто потекнува хибридниот погон во Panamera Turbo S E-Hybrid. Крајната брзина на топ-моделот во серијата изнесува 310 километри на час. Поточно, лимитирана е на таа вредност. Обичната Panamera Turbo е покуса за четири километри на час. Turbo S без хибрид не се нуди. Тоа ја навестува новата моделска стратегија на Цуфенхаузен.
Кога лани летото Porsche пристигна со комплетната моделска гама да го одбележи отворањето на новиот салон на марката во Скопје, хибридната Panamera беше дел од ергелата на спортската марка. Спортската лимузина со две срца во погонската спрега не се штедеше да покаже што знае и умее, постигнувајќи го темпото својствено за Porsche со несекојдневна леснотија, без да покаже било какво напрегање во погонот. Возење во облаци би бил најсоодветен опис.
Сега Porsche има нов хибриден модел во гамата на Panamera, поточно уште еден модел покрај 4 E-Hybrid. Под неговата хауба работи четирилитарски V8 со турбонатполнење и 550 КС, што и не е некој посебен спектакл за Porsche, но затоа е тука и електромоторот со 130 КС, којшто ја подигнува системската моќност на неверојатни 680 КС. Panamera Turbo S E-Hybrid ќе забрзува до 310 километри на час, кога се вклучува електронското ограничување на брзината. Според производителот, хибридната лимузина би можела да продолжи и над 330 километри на час, но техничарите се решија да ја ограничат брзината за дваесетина километри на час, заради пневматиците.
Нова хиерархија почнува да владее во гамата на Panamera, со пристигањето на хибридната верзија со погон конципиран според хиперспортскиот 918 Spyder. Верзијата Turbo постигнува крајна брзина од 306 километри на час, што е за 4 km/h побавно од Panamera Turbo S E-Hybrid. Уште поубедливи се вредностите на забрзувањето. Стандардниот спринт до сто завршува по 3,4 место по 3,6 секунди кај Panamera Turbo, додека вредноста на забрзувањето до 200 km/h се скусува од 9,2 на 8,3 секунди. Во кралската дисциплина 0-300-0, предноста на Turbo S E-Hybrid над обичниот Turbo изнесува десет секунди, односно трае вкупно 37 секунди.
Додека на Panamera Turbo ѝ се потребни неколку десетинки додека турбокомпресорот го создаде потребниот притисок, електромоторот во E-Hybrid ја испорачува полната моќ буквално уште од првиот вртеж на роторот. Секако дека има придобивки и во штедливоста. Хибридот може да извози до 50 километри со енергијата во батеријата, а потрошувачката според нормите за хибридни возила изнесува 2,9 литри на сто километри – тоа е всушност горивото што според лабораторија ќе го потроши погонската спрега откако Panamera Turbo S E-Hybrid ќе ги извози 50-те километри на струја. За споредба, верзијата Panamera 4 E-Hybrid, којашто поседува мотор V6, троши 2,5 литри гориво на сто километри, додека на Mercedes-Benz S 500e за истото растојание му се потребни 2,8 литри гориво. BMW наведува вредност од 2,1 литри гориво за својот 740 Le.
Јасно е дека овие вредности се само теоретски, но заштеда ќе има во секој случај. За неа дополнително ќе придонесе повратокот на кинетичката енергија, којшто ја полни батеријата при секое сопирање, и на тој начин ќе се постигне солидна заштеда во градското секојдневие. Како плагин-хибрид, оваа Panamera поседува широкоградо димензионирана батерија со литиум-јонска технологија. Освен при возење, таа може да се полни и со приклучување на полнач, така што возачот во принцип би можело секој ден да има на располагање педесетина километри на струја.
Другата страна на медалот е дополнителната тежина. Panamera Turbo S E-Hybrid тежи 2,3 тони, што е 315 килограми повеќе од Panamera Turbo. На електричната погонска спрега отпаѓаат 270 килограми, остатокот произлегува од повисокото ниво на опрема. Сите системи за асистенција што обично се на листата на опции, тука се вградуваат стандардно. Единствено треба да се доплати за управувана задна оска – во „кусата“ каросериска верзија. Дури и керамичките сопирачки се стандард.
За преносот на сила е задолжен осумстепен менувач со двојна спојка. Распределбата на тежината меѓу оските изнесува 49:51, што е поправилно отколку кај Turbo, со сооднос 54:46 проценти. И подвозјето е повеќе ориентирано за надуправување.
Porsche ја позиционира Panamera Turbo S E-Hybrid како апсолутен топ-модел во серијата. Обичен Turbo S без хибриден погон не се нуди. Германскиот ценовник наведува 185.736 евра, продолжената верзија Executive чини 199.183 Euro. Во гамата наскоро ќе се придружи и комби-купе Sport Turismo. Тоа се околу 30.000 евра повеќе од Panamera Turbo, но кога ќе се земе во предвид вишокот опрема, разликата паѓа драстично.
Светската премиера ќе се одржи на салонот во Женева во март, заедно со новата каросериска изведба Sport Turismo.






















