
Додека колегите од Баерн Минхен гордо се сликаат со службените возила од Audi, играчите на Јунајтед целосно ги игнорираат возилата од спонзорот Chevrolet и возат германски теренци и спортски купеа.
Фудбалските професионалци на Манчестер Јунајтед не ги сакаат возилата од нивниот спонзор Chevrolet. Британските медиуми пред неколку месеци јавно го открија ова „нетрпение“. Дневниот весник „Дејли Мејл“ објави фотографии на коишто се гледаа 15-те модели на Chevrolet, паркирани и некористени со месеци. Весникот ги објави фотографиите од автомобилите што фактички ги возат фудбалските ѕвезди, место подарените возила од американската марка. На објавените фотографии, Робин ван Перси е во својот Porsche 911, додека Вејн Руни комотно се вози во Range Rover. Маруан Фелаини од неодамна исто така се вози во „туѓа“ марка, односно со Mercedes GLK место со спонзорската Chevrolet Captiva.
Остра реакција од General Motors поради игнорирањето на подарените автомобили
Шефовите во General Motors конечно реагираа и како што пишува британскиот „Мирор“, фудбалерите добиле остар укор и во иднина ќе мораат да доаѓаат на тренинзите со моделите на Chevrolet, односно со Captiva, Camaro и Corvette. Однесувањето на фудбалските ѕвезди со договори вредни неколку милиони евра очигледно дека не го провоцира само спонзорот Chevrolet. Неименуван член на раководствотона клубот изјавил за „Мирор“ дека „можеби не се работи за модели на Porsche, но повеќето фанови на ‘Јунајтед’ би убиле да добијат бесплатен автомобил.“ Клубот потпиша спонзорство со американската марка уште во 2012 година.















