
Фабриката на Фолксваген во полски Познан вработи сто овци. Нивната работа се состои во тоа што треба само да ја пасат тревата под соларните панели, од коишто фабриката покрива четвртина од енергетстките потреби.
Стоте овци што отсега ќе се забележуваат во кругот на фабриката на Фолксваген во Познан, Полска, се редовно „вработени“ тука. Задачата им е да пасат трева на огромната површина што е покриена со соларни панели.
Овој соларен парк на Фолксваген се состои од преку 31.000 соларни модули. Во сончевите денови, фотоволтаиците можат целосно да ја покријат потребата од енергија во фабриката. Концернот соопшти дека на годишно ниво, околу една четвртина од вкупната потрошувачка се покрива со енергија од сонцето.
Овците се темел на едно многу посериозно истражување. Заедно со научниците од Универзитетот за животни науки во Познан, Фолксваген ќе истражува како пасењето влијае врз разновидноста на живиот свет, квалитетот на почвата и вегетацијата.
Има и дополнителна корист за овците, затоа што овие благородни животни си наоѓаат сенка под соларните панели и добиваат простор каде што можат да си пасат со уживање.
Посебно внимание се посветува на добросостојбата на овците во жешките денови, во сенката под панелите. Научниците сакаат да истражат, дали површините под сенка помагаат да се намали жештината и со тоа им угодуваат на животните. Овчарот што се грижи за стадото вели дека овците веќе се одомаќиле.
Полската фабрика не е исклучок. Станува збор за тренд што се води како агри-фотоволтаици. Користа е општа, и за климата, и за приодниот свет.















