На салонот на олдтајмери во Есен пристигна големото изненадување од Porsche. Победничкиот 911 2.5 S/T на Леман во 1972 година се појави како да е штотуку излезен од фабрика.
Најголемиот салон на олдтајмери во светот, „Техно Класика“ во Есен, утринава започна со големо изненадување од Porsche. Победничкиот 911 2.5 S/T од Леман во 1972 година во последните две години беше темелно реставриран од експертите на Porsche Classic и сега се појавува за првпат на салонот.
Возилото било откриено пред неколку години од еден американски колекционер, во катастрофално лоша состојба. Колекционерот чијшто идентитет не се открива, потоа го предал реткиот примерок од серијата изработена во само 24 примероци во одделението за реставрација на Porsche, кадешто по негов налог и по којзнае која цена е вратено во првобитната состојба од пред повеќе од четири децении.
Како основа за специјалната серија 911 2.5 S/T послужил тогашниот 911 2.4 S Coupe. Возилата биле наменети за приватни тркачки тимови во групата 3 (сериски возила GT) и групата 4 (модифицирани возила GT) и понудени за продажба по тогашна цена од 49.680 германски марки. Американскиот тркач Мајкл „Мајк“ Кејсер во ноември 1971 година нарачал примерок од серијата и веќе од следната сезона учествувал на бројни трки во САД, како и во светскиот шампионат на долги патеки. Зад воланот се наоѓал и Јирген Барт, фабрички возач и вработен во оделението за мотоспорт на Porsche, а во 1977 година и севкупен победник на 24 часа Леман.
Победник на Леман во 1972 година во класата до 3 литри
Во 1972 година, Кејсер и Барт се натпреварувале со 911 2.5 S/T на шестчасовната трка во Дајтона, на Тарга Флорио и на 1.000 километри Нирбургринг. Врвот следува на трката 24 часа Леман, каде што Кејсер и Барт заедно со Швајцарецот Силвејн Гарант постигнуваат победа во класата до 3 литри и го освојуваат сензационалното 13-то место во генерален пласман.
Кога возилото пристигнало на реставрација во Porsche Classic, експертите утврдиле и нестручни поправки на оштетувања од судир – наспроти тоа што имало извршено и модификации според наследникот, таканаречениот „модел G“. Тунелот и надолжните носачи биле деформирани, а корозијата ги оштетила поткрилата, тунелот и покривот. Експертите претпоставуваат дека возилото долго време служело како „играчница“ за деца.
По завршувањето на обемните поправки на каросеријата, 911 2.5 S/T добил потопување во т.н. KLT-бања (катодно лакирање со потопување), за максимална заштита од корозија во иднина. За таа цел, возилото било поставено и на редовната производствена лента на Porsche. На крајот, следело лакирање во оригиналната жолта боја со код 117.
Искуствата што Porsche ги стекна со учеството на 911 2.5 S/T во мотоспортот водеа кон развој на специјалниот модел 911 Carrera 2.8 RSR во 1973 година.
















