Убаво направено: Mercedes C-Class Coupe

Купето од класата C на Mercedes изгледа како смалена верзија на ексклузивното S-Class Coupe. Со спортска нота и самоуверен настап, новиот модел очекува да привлече повеќе внимание од претходникот.

Моделското семејство на класата C на Mercedes се комплетира со купето, како трета каросериска изведба покрај лимузината и комбито. C-Class Coupe ќе има премиера на салонот во Франкфурт во средината на септември, а продажбата ќе стартува веќе во декември. Со изгледот, купето јасно го следи примерот на лимузината, односно во неговата каросерија се препознаваат линиите на знаменосецот S-Class, односно на купе изведбата S-Class Coupe. Тоа особено се забележува во задниот дел од каросеријата.

Новото купе се издвојува повеќе со спортската нота од лимузината

Mercedes радикално го смени пристапот во дизајнирањето и воопшто во конструирањето на купето од средната класа.  C-Class Coupe настапува со многу поголема самоувереност во дизајнот во споредба со претходникот. Се враќа и типичната карактеристиката на купеата, нешто што секој љубител на оваа форма очекува да го сретне – купето од класата C повторно има врати без рамка за прозорците. Единствено што можат да забележат пуристите е присуството на средишниот столб, но тоа денес е неизбежно, покрај строгите норми за безбедност.

Меѓуоскиното растојание е зголемено за 95 милиметри во споредба со лимузината, заради повеќе комфор и простор на задната клупа

Кокпитот е ист со лимузинската изведба, а на задната клупа има повеќе простор за патниците, што се должи на зголемувањето на ширината на каросеријата за 40 милиметри, но и на меѓуоскиното растојание продолжено за 95 милиметри. На крај, целата каросерија на купето е за осум сантиметри подолга од лимузината. Моторите и опремата исто така се преземени од лимузината. На стартот од продажбата се нудат четири бензинци со моќност меѓу 156 и 245 КС, како и два дизела со 170 и 204 КС. Сите мотори имаат четири цилиндри и сите користат турбонатполнење и директно впрскување.

Верзијата на AMG ќе биде жесток конкурент на BMW M4 и Audi RS 5

Пред крајот на годината пристига и варијантата од AMG со четирилитарскиот битурбо V8 од GT, со моќност од 510 КС, како жесток конкурент на Audi RS 5 и BMW M4. Спортската нота е присутна и во останатите модели во гамата, со спортските седишта и пониското подвозје од лимузината. Кој сака екстремна динамика, ќе може да доплати за специјално спортско подвозје, но и за приспособлива амортизација. Како специјалитет следува и можност за пневматска амортизација. Mercedes уште не ги објави цените за новото C-Class Coupe. Сé уште актуелниот модел стартува од 35.400 евра во верзијата C-Coupe 180 со 156 КС, наспроти лимузината C 180, чија што цена изнесува 33.730 евра.

Претходна објаваAudi стартува со продажба на новиот A4 во Германија по цена од 32.950 евра
Следна објаваBMW M4 GTS Concept: Водата во бензинот му годи на овој мотор

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here