Трицилиндарецот на Ford третпат е избран за мотор на годината

Малечкиот мотор со три цилиндри и еден литар зафатнина се покажа голем погодок на Ford. Штедливиот и моќен турбобензинец третпат е прогласен за светски мотор на годината. Никој претходно не успеал во тоа.

Трицилиндарскиот бензинец со турбонаполнење трипати по ред станува светски мотор на годината. Жирито од специјализирани новинари од цел свет го избра еднолитарскиот мотор познат од моделите Fiesta и Focus како најдобар мотор во светот, со што ги остави зад себе 4,5-литарскиот мотор V8 на Ferrari и 1,4-литарскиот турбобензинец на Volkswagen. Експертите повторно дадоа највисоки оцени за моќноста, штедливоста и култивираноста на мини-моторот што се произведува во фабриката на Ford во Келн.

Агрегатот од семејството EcoBoost, развиен според начелата на „даунсајзингот“ е прв мотор во историјата што трипати ја освојува ценетата награда. Две победи досега имаат постигнато 1,4-литарскиот бензинец TSI на Volkswagen, како и трилитарскиот турбобензинец на BMW, којшто се вградува во речиси целата моделска гама на Баварците, од серијата 1 до серијата 7.

Покрај главните награди се доделуваа и во голем број други категории. За најдобар нов мотор е избран четирицилиндарскиот турбобензинец од Mercedes A 45 AMG со 360 КС, додека наградата за најеколошки мотор му припадна на Tesla Model S.

Претходна објаваBrabus ќе ја произведува најскапата верзија на класата S за Mercedes
Следна објаваЈапонија: Користени автомобили на „прочистување од зли духови“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here