Осмата генерација на светскиот бестселер доаѓа со самоуверен дизајн, штедливи и моќни мотори и со врвна технологија. Нарачките стартуваат на 10-ти јуни, германските цени почнуваат од 25.875 евра.
Центарот за дизајн на Volkswagen во Потсдам вечерва беше свечена кулиса за светската премиера на еден од најпродаваните автомобили во светот, за новиот Volkswagen Passat. Најуспешната службена лимузина во Европа дебитира со нови мотори, смалена тежина, како и со нови системи за асистенција и за подобрување на комфорот во возење, со цел моделот да ги пречекори границите на класата во која што припаѓа.
„Со овој Passat почнува нова ера: Во поглед на дизајнот и пропорциите, во моторите и погонот, во комуникациските системи и во помошните системи, во безбедноста, комфорот и задоволството во возењето“, изјави Мартин Винтеркорн, првиот човек на Volkswagen пред 500-те гости на свеченоста. Шефот на концернот продолжи со истата одушевеност: „Новиот Passat ги дава вистинските одговори на големите автомобилски трендови на нашето време. За мене, овој Passat е премиум автомобил без премиум трошоци. Тоа совршено одговара за најуспешниот службен автомобил во Европа, којшто е поштедлив до 20 проценти, полесен до 85 килограми и стартува со штедливи бензински и дизел мотори, а ќе биде достапен и како хибрид со надворешно полнење.“
Со 1,1 милион примероци во минатата година на светско ниво Passat е најпродавана моделска серија на концернот Volkswagen. Модерната конструкција, којашто подразбира пониска каросерија, подолго меѓуоскино растојание и поголеми бандажи, му дава многу подинамичен изглед на Passat, кој повторно ќе биде достапен како класична лимузина и комби Variant.
Меѓу новите технологии се вбројуваат активниот инфодисплеј, односно целосно дигиталната табла со инструменти и проекцискиот дисплеј, како и системите за забава за патниците на задната клупа што се базираат на апликации за мобилни телефони и таблети. За безбедноста се грижат систем за самостојно запирање во опасност при градско темпо, со можност за препознавање на пешаци, како и три нови светски новитети: Запирање на возилото во итен случај, самостојно паркирање со приколка и систем за водење при застој на патот.
Понудата од погонски единици опфаќа десет бензински и дизел мотори со директно впрскување и спектар на силина од 120 до 280 КС, сите според нормата Euro 6. Системот старт-стоп е стандард во сите модели, заедно со повраток на енергијата при сопирање. За прв пат Passat ќе биде достапен и со хибриден погон со надворешно полнење, во погонска комбинација на бензинец со 156 КС и електромотор со 110 КС, што дава системска моќност од 211 КС. Како најсилен хибрид со надворешно полнење на батериите, Passat ќе може да вози на струја до 50 километри.
Нарачките за германскиот пазар почнуват на 10-ти јуни, а цената за основниот лимузински модел изнесува 25.875 евра, односно 25.950 евра за комбито Variant. Погледнете го видеото на https://www.facebook.com/photo.php?v=790073651044583&set=vb.412251675493451&type=2&theater
10-те најважни факти за новиот Volkswagen Passat
- Продажбата во Европа почнува во последниот квартал во 2014, како лимузина и комби
- Со иновативната конструкција, тежината е намалена до 85 килограми.
- Сите мотори се нови, поштедливи до 20 проценти.
- За прв пат е достапен хибриден модел со системска моќност од 211 КС и можност за надворешно полнење на батериите.
- Најсилен дизел е новиот TDI со 240 КС и просечна потрошувачка од 5,3 l/100 km.
- Врвното ниво на опрема „Highline” стадардно поседува диодни светла.
- Деби за самостојно запирање во опасност при градски брзини, самостојно паркирање со приоколка, помош за водење во застој и испраќање алармен сигнал при незгода.
- Прв Passat со целосно дигитална табла со инструменти и проекциски дисплеј.
- Седумте претходни генерации од 1973 година се продадоа во вкупно 22 милиона примероци.
- Со 1,1 милион произведени возила во 2013 година, заедно со моделските модификации, Passat е број 1 на концернот.











































