Производителот на службените автомобили на Џејмс Бонд ја пушти својата најспектакуларна и најинтензивна креација таму каде што ѝ е местото. На тркачка патека. Само 24 среќници ќе можат да се изјаснат како сопственици на овој Aston Martin Vulcan.
Од новиот хиперспортски автомобил на Aston Martin со звучното име Vulcan ќе се изработат само 24 примероци. Цената на примерок ќе изнесува точно 2 милиони евра. Освен со цената и со ограничената серија, Vulcan ќе биде за уште едно скалило поексклузивен за обичните смртници, поради тоа што за него не може да се издаде сообраќајна дозвола и смее да се појавува само на тркачките патеки. Овие 24 среќници што ќе можат да се изјаснат како идни сопственици на Vulcan, имаат и со што да се пофалат. Како што ветува Aston Martin, ова е „највозбудливата и најинтензивна креација“ што британските специјалисти за брзини и коњски сили ја имаат изработено во историјата на фирмата.
Aston Martin сега го објави видеото на кое што јасно се гледа дека тоа што го ветуваат, навистина и го исполнуваат. Vulcan со седумлитарски атмосферски мотор со 12 цилиндри и моќност од над 800 КС на видеото може да се види и уште подобро да се слушне како супериорно ги совладува сите можни предизвици на тркачката патека. Видеото со сигурност ќе одземе малку повеќе време отколку што трае видеото. Со секоја нова сцена, апетитот се отвора уште повеќе. А, заедно со тоа се отвора и прашањето: Што би било кога би било?
















