Три нови модели се приклучуваат во понудата на Porsche. Покрај тоа што се најевтини, овие модели се и најеколошки начин за возење модел од спортската марка.
Возачите на Porsche се луѓе што го сакаат спортот и тоа не само кај автомобилите. Поради тоа, марката од Цуфенхаузен ја збогати својата понуда на велосипеди со три нови модели. Сите три модели имаат сличен изглед, но се разликуваат во техниката и во намената.
За теренски излети е наменет Porsche RX Bike. Со тркала од 27,5 инчи, менувач со 20 брзини и лесна рамка од карбон овој маунтинбајк е специјално изработен за возење во природа. RX Bike се нуди во три големини, почнувајќи од 4.800 евра во основната изведба.

Дваесетбрзински менувач и лесна карбонска рамка има и Porsche Bike RS. Од карбон се изработени уште многу други делови, така што на крајот овој велосипед тежи само девет килограми. Иако нема осумцилиндарски мотор, овој Porsche одговара совршено за патување на долги релации. Затоа и цената е малку повисока: 5.900 евра.

Урбаната џунгла е средината во која што најдобро се снаоѓа Porsche Bike. Тој има осумстепен менувач вграден во оската на задното тркало и погон со запчест ремен. За безбедноста се грижат хидраулични сопирачки од марката Magura. Најмалиот Bike чини 2.650 евра. Сите три модели имаат специјална ознака за заштита од кражба што се наоѓа под лакот на рамката.
















