Предизвикот да се обиколи земјината топка со автомобил пред 80 години ѝ донесе голема слава на чешката марка и ја докажа издржливоста на Škoda Rapid.
Пред точно 80 години, Škoda Rapid го заврши патот околу земјината топка. На авантурата што траеше 97 денови, од коишто во возење беа поминати само 44 денови, Братислав Јан Прохаска и Јиндрих Кубиас поминуваа во просек по 630 километри дневно и ја докажаа натпросечната издржливост на моделите на Škoda. Маратонските тури со Škoda Rapid и Škoda Popular, долги и до 52.000 километри, го привлекоа вниманието на светската јавност.

Светската турнеја започна на 25-ти април 1936 година во Прага. Главен возач на експедицијата долга 27.700 километри со Škoda Rapid беше прашкиот претприемач Бретислав Јан Прохаска, додека во улога на навигатор и втор возач се најде Јиндрих Кубиас. Ѕвезда на потфатот сепак беше минимално модифицирана Škoda Rapid, со централна цевна рамка, задвижувана од 1,4-литарски мотор со четири цилиндри и 31 КС. Со независно водење на сите тркала и со хидрауличен систем за сопирање, Rapid успеваше да ги совлада и теренските етапи – тогашната патна мрежа се состоеше првенствено од макадамски патишта. Обиколката околу земјината топка траеше вкупно 97 денови, при што на превоз со траект и царински формалности отпаднаа 53 денови.
Во рускиот град Калуга денес се произведува токму „правнукот“ на Rapid
По стартот во тогашна Чехословачка, Прохаска и Кубиас го продолжија патешествието низ Германија, Полска, Литванија и Летонија, за потоа да се впуштат во непрегледното пространство на Советскиот Сојуз. На етапата од Москва до Баку во Азербејџан, Škoda Rapid направи мала починка во рускиот град Калуга. Во новоизградената фабрика на Škoda во овој град денес се произведува токму моделот Rapid од новата генерација, правнук на историскиот авантурист.

По преминувањето со траект преку Каспиското Море, Škoda Rapid се упати кон Иран, кадешто тимот се најде среде песочна олуја. За да надоместат за изгубеното време, Прохаска и Кубиас решија да ја возат етапата од Пакистан до Мумбаи без престан три денови и навреме да стасаат за траектот од Индија до Шри Ланка. По возењето низ Малезија и Сингапур, следеше уште едно качување на траект, за преку Хонг Конг и Шангај, Škoda Rapid да се истовари во Кобе, во Јапонија. Потоа се возеше до Хонолулу, следеше превоз до Сан Франциско и тура долга 5.300 километри до Њујорк. Оваа долга етапа од едниот до другиот брег беше совладана за 100 часови и 55 минути, поставувајќи нов рекорд, скусувајќи повеќе од девет часови од претходниот рекорд. Последната етапа беше од Шербург во Франција, преку Парис и Нирнберг, до појдовната точка, Прага.
Факти за обиколката на земјината топка со Škoda Rapid во 1936
- Возило: Škoda Rapid 1.4 SV
- Времетраење на патувањето: 97 денови, од кои чисто во возење 44 денови
- Пропатувани земји: 15
- Пропатувани континенти: Европа, Азија, Северна Америка
- Извозени километри: 27.700 km
- Најдолга дневна етапа: околу 1.000 km
- Најкуса дневна етапа: 50 km
- Вкупно потрошено гориво: 2.820 L
- Просечна потрошувачка: 10,2 L на 100 km
- Вкупна потрошувачка на масло: 54 L
- Патни трошоци: > 89.600 круни (1936 година)
















