На некои автомобили не им се потребни големи бројки да направат вест што влегува во историјата. Пет примероци од Toyota Mirai се истоварија на европска почва, ерата на водородниот погон почнува.
Првите пет примероци од Toyota Mirai се истоварија на 8-ми и 10-ти август 2015 во британскиот Бристол и во белгискиот Зебруге. Автомобилот со водороден погон, прв од големосериското производство на јапонската марка, го означува почетокот на новата ера на еколошкиот погон без каква било емисија на штетни гасови. Водородот во резервоарот се претвора во електрична енергија во горивната ќелија, којашто потоа се користи за погон на електромоторот. Toyota Mirai располага со електромотор со моќност од 113 киловати, еквивалент на 154 КС. Од издувната цевка излегува само чиста вода. Најголемата предност на погонот е во тоа што автомобилите постигнуваат досег споредлив со конвенционалниот погон, недостатокот е во се уште скапата техника и недоволно развиената инфраструктура на глобално ниво.
Велика Британија, Германија и Данска се првите европски пазари за Mirai
Продажбата на Toyota Mirai на јапонскиот пазар стартуваше веќе во декември. Моделот доживеа европска премиера за време на салонот во Женева, во март. Во септември, Mirai ќе биде дел од штандот на Toyota на салонот во Франкфурт, паралелно со стартот на продажбата во Велика Британија, Данска и Германија. Од 2017 година моделот ќе се нуди и на неколку останати пазари во Европа со развиена инфраструктура од станици за полнење водород. Планот е на трите иницијални пазари во Европа годишно да се продаваат меѓу 50 и 100 примероци. Цената во Германија изнесува 66.000 евра без данок на додадена вредност.
















