Пред петнаесет години од фабриката во Оксфорд излезе првиот примерок од новата генерација на култниот Mini, откако BMW повторно ја заживеа британската марка.
Фабриката во Оксфорд денес ја одбележува петнаесетгодишнината откако првиот примерок од новата генерација излезе од производствените ленти на 26-ти април 2001. Групацијата BMW ја презеде сопственоста на фабриката во 1994 година. Над 2,5 милиони примероци од новите генерации на Mini се произведоа досега во Оксфорд, а кон крајот на годинава се очекува да биде надмината и бројката од три милиони. Четири од пет автомобили од марката се наменети за извоз во над 110 земји во целиот свет.
Во првата година се продадоа близу 40.000 примероци од „новиот“ Mini, за лани продажбата да достигне дури 340.000 примероци. За овој успех секако дека беше пресудно и проширувањето на понудата со најразновидни моделски изведби, вклучувајќи кросовер и купе, покрај традиционалните каросериски верзии на Mini. Секој ден во Оксфорд се произведуваат по околу 1.000 примероци од Mini според индивидуална нарачка на клиентот.
Производството на автомобили во Оксфорд датира уште од 1913 година
Фабриката во Оксфорд датира уште од 1913 година, кога дизајнерот, претприемач и филантропм Вилијам Морис го произведе својот прв автомобил, „Bullnose“ Morris. Оригиналниот Mini се произведуваше во периодот меѓу 1959 и 1968 година, достигнувајќи врвна продукција од 94.889 возила во 1966 година.
Над 4.500 лица се вработени во фабриката во производство на комбилимузинските верзии со три и пет врати, на комбито Clubman и на неговата верзија со погон на сите тркала All4, како и на топ-моделот Mini John Cooper Works. Три фабрики со сочинуваат производствениот синџир во Британија. Во Бирмингем се произведуваат моторите, Свиндон ги изработува каросериските панели и модулите, за составувањето на каросеријата, лакирањето и завршната монтажа да следуваат во Оксфорд. Кабриолетот за првпат доаѓа од Холандија, додека за актуелниот Countryman е задолжена фабриката на Magna во австрискиот Грац.
















