Париз 2016: Две турбини во замена за четири цилиндри во Ferrari GTC4Lusso T

Ferrari GTC4Lusso T е првиот четирисед на Ferrari со мотор V8. Тоа е добрата вест. Лошата вест е тоа што GTC4Lusso претходно без додавката T имаше четири цилиндри повеќе и дишеше без помош од турбокомпресор. Барем коњски сили не недостигаат, нив ги има 610 на број.

Славеничко лого, посебни посвети на целата моделска гама, премиера на GTC4Lusso со додавка T и уште една премиера за LaFerrari Aperta. Италијанците се дојдени на салонот во Париз да ја најават прославата во знак на 70-годишнината што ќе се одбележува во 2017. Во чест на јубилејот ќе се одржи и светска тура на Ferrari.

GTC4Lusso T или „првиот четирисед на Ferrari со мотор V8“ вози со 3,9-литарскиот мотор со турбонатполнење што прво беше вграден во California T, а за годинава ја носи и титулата на светски мотор во генерална категорија. Без ознаката T, којашто логично укажува на преодот на турбонатполнење, луксузниот спортист од Маранело претходно возеше со V12, исто како и сите негови претходници.

Светскиот мотор на годината обезбедува 610 КС во четириседот на Ferrari

Максималната моќност од 610 КС се испорачува при 7.500 вртежи, додека вртежниот момент изнесува 760 њутнметри во подрачјето меѓу 3.000 и 5.250 вртежи. Ferrari засега не ги наведува потрошувачката на „T“ и емисијата на СО2, чиешто усогласување со строгите норми е главната цел од „турбоизацијата“, но само посочува дека со комбинацијата од разумна потрошувачка и импресивни перформанси, GTC4Lusso T е совршен и за возење во град и за подолги крстосувања.

Пониската тежина поради скусувањето на бројот на цилиндрите доведе до поголем нагласок на распределбата на тежината кон задната оска, што заедно со управувањето на сите тркала и посебната калибрација на контролните системи во подвозјето обезбеди уште полесна управливост и врвна динамика.

Ferrari ќе направи специјални посвети за 70 модели во чест на јубилејот

Како дел од подготовките за одбележување на 70-годишнината од основањето, Ferrari ќе дизајнира 70 различни „посвети“, во чест на најпознатите модели во својата историја. Неколку од овие модели со посвета се присутни и во Париз: F12berlinetta е со посвета „Стирлинг“, 488 GTB е „Шумахер“, California T е во знак на Стив Меквин, додека 488 Spider им оддава чест на „зелениот смарагд“ и на „Спајдер“.

Покрај светската тура којашто ќе опфати над 60 нации низ светот, Ferrari има и специјално лого за јубилејот, коешто првпат е ставено на LaFerrari Aperta, втората премиера во Париз.

[FAG id=25651]

Претходна објаваПариз 2016: Ferrari LaFerrari Aperta обезбедува свеж воздух при темпо 350
Следна објаваПариз 2016: Лимузинскиот Audi RS3 прво за Кина и САД, потоа во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here