Додека BMW ја претстави новата генерација на М5 ќе треба да мине уште некое време. Баварците сепак имаат решение за нетрпеливите. Одделението M Performance подготви неколку ставки што ќе направат стандардните модели од серијата 5 да изгледаат, но и да возат уште подинамично.
Фановите на серијата 5 на BMW со нетрпение го исчекуваат февруари, кога минхенската марка ќе стартува со испорака на новата генерација на моделот од вишата класа. Неколку недели подоцна ќе следува и премиерата на M550i xDrive. Баварците под сино-белата значка се докажани мајстори за подгревање на атмосферата и уште сега подбуцнуваат со пакетот M Performance наменет за новата серија 5. Покрај тоа што ставките од овој пакет прават лимузината да добие уште подинамичен изглед, може да се извлечат и уште неколку екстра коњски сили од моторот.
Бизнис-лимузината добива помускулест изглед со црните проширувања на праговите, со задниот спојлер од карбон и дифузорот од полиуретан, фолиите со натпис M Performance и со црната решетка на предните отвори за воздух. Ваквиот изглед се надополнува со бандажи од 20 инчи, со двојни краци и гуми 245/35 напред, односно 275/30 назад. Бандажите во дизајн на M GmbH ги истакнуваат сопирачките од пакетот M Performance, коишто следуваат со посебна доплата. Четириклипни сопирачки клешти лакирани во црвено ги гризат предните сопирачки дискови, коишто поседуваат лесна конструкција и се перфорирани.
Идните сопственици на серијата 5 на BMW можат да нарачаат и китови за зголемување на моќноста на нивната „петка“. Доколку се работи за BMW 540i, китот од M Performance им обезбедува дополнителни 34 КС и 50 њутнметри, што резултира со 360 КС и точно 500 њутнметри. Заедно со тоа следува и специјално изведен издувен систем. Ваков кит стои на располагање и за 530d, кој добива екстра 27 КС и 30 њутнметри, односно вози со 292 КС и 650 њутнметри.
Од следното лето M Performance ќе нуди спортски волан обложен со алкантара, со обележување на позицијата на „12 часот“ и со сребрен сив штеп. Дотогаш ќе следат и други ставки за ентериерот, со посебен спортски печат со пакетот M Performance.


















