Ослабен 325 килограми: Новиот Audi Q7 го презема тронот од Mercedes

Audi денес ги објави првите информации за новата генерација на луксузниот кросовер Q7. Промените во изгледот се највпечатливи во носот. Се нуди и верзија со хибриден погон.

Марката со четирите прстени поставува нови стандарди во сегментот на премиум кросоверите со Q7. Тежината намалена за 325 килограми и ниското тежиште му овозможуваат на новиот Q7 да биде најагилен во класата. Престижниот модел во исто време е и најпросторен во класата, иако димензиите се потсмалени во споредба со претходникот. Моторите во просек трошат 26 проценти помалку гориво.

Со 1.995 килограми во изведбата 3.0 TDI, новиот Audi Q7 е најлесен во класата. Во споредба со претходникот, тежината е намалена за 325 килограми. Тоа е постигнато со масивна примена на алуминиум и други лесни материјали во каросеријата, што е една од специјалностите на Audi. Со преработените мотори 3.0 TDI со 272 КС и 3.0 TSI со 333 КС, новиот Audi Q7 забрзува до сто за 6,3, односно 6,1 секунди. Шестцилиндарскиот дизел троши во просек 5,7 литри гориво.

Големиот Audi поставува стандарди и во ракувањето, подршката за преносни уреди и во системите за асистенција при возењето. По пример на Audi TT, таблата со инструменти може да се добие во изведба на „виртуелен кокпит“, кога целата табла е еден голем дисплеј на когошто возачот сам избира што и како ќе се прикажува. Големо олеснување при ракувањето претставува и новиот MMI all-in-touch, со поголемо поле за ракување преку допир. Иновации има и во поврзувањето на интернет, таблетот за задната клупа и во двата система за озвучување, за постигнување 3D звук во кабината. Новитет претставува и интеграцијата на Google Android Auto и Apple Carplay. Audi Q7 е меѓу првите модели во светот што ги воведува овие функции.

Неколку месеци по стартувањето на верзиите со обичен погон следува и моделот со хибриден погон, како прв модел на Audi што комбинира дизел мотор со електромотор. Системската сила на Q7 e-tron quattro изнесува 373 КС, вртежниот момент 700 Nm, а просечната потрошувачка само 1,7 литар. Со полни батерии, хибридот може да мине до 56 километри, односно повеќе отколку што повеќето возачи минуваат во еден ден.

Премиерата на новиот Audi A7 ќе се одржи во јануари, на салонот во Детроит. Испораката на домашниот пазар стартува налето, по цена за основниот модел од 61.000 евра.

Претходна објаваДва без еден: Трицилиндарец за најмалечкото купе на BMW
Следна објаваСимфонија во октан-дур: Звукот при палење на 33 автомобилски легенди

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here