Норвешка е светски лидер на пазарот на електрични автомобили

Скандинавската земја и натаму е на првото место во светот според уделот на електрични возила во вкупната продажба на автомобили. Секое трето возило во продажбата во првиот квартал било со погон на струја.

Норвешка е на првото место во светот според продажбата на возила со погон на струја и со хибриден погон со надворешно полнење во првите три месеци од 2015 година. Секое трето возило што било продадено на норвешкиот пазар во првото тромесечје било со погон на струја. Во овој период се продадени околу 8.000 електрични возила, односно 41% повеќе отколку во првиот квартал од ланската година. Големата популарност на овие возила се должи на ослободувањето од царина и многуте други повластици при набавката, но и при експлоатацијата на електричните возила. Најпродаван модел е Volkswagen e-Golf.

Холандија на второто место во светот според продажбата на електрични автомобили

Втора земја со најголем пораст во продажбата е Холандија, со 5.700 нови регистрирани електромобили и хибриди со надворешно полнење, со удел од 5,7 проценти на вкупниот пазар во земјата. Најмногу возила и натаму се продаваат во САД и Кина, со 15.000, односно 13.000 примероци во првите три месеци. Купувачите на овие возила во Соединетите Држави се ослободуваат од данок во висина и до 7.500 долари, а некои држави, како Калифорнија или Џорџија, нудат и дополнителни повластици за купувачите. Уделот на електрични возила и плагин-хибриди во САД и натаму е низок и изнесува само 0,8 проценти од вкупниот пазар во првото тромесечје од годинава. Најпопуларен модел во САД е ексклузивната лимузина со електричен погон Tesla Model S.

Енормно зголемување во продажбата бележи Кина, со 750 проценти, споредено со првите три месеци од минатата година, но уделот на електричните и плагин-хибридите во вкупната продажба и натаму е мошне низок, со само 0,3 проценти. Кинеската држава исто така им нуди многубројни погодности на купувачите. Најпопуларен модел во земјата во периодот од јануари до март е плагин-хибридот BYD Qin PHEV. Сличен раст има и во Велика Британија, кадешто интересот за електричните возила пораснал за 392 проценти, споредено со првиот квартал лани.

Германија: Даночните олеснувања не се покажуваат секогаш како најефикасна мера

Германија, како најголем пазар за автомобили во Европа, во моментов не нуди посебни поволности за купувачите на електрични и плагин-хибридни автомобили. Кварталната продажба порасна за 98 проценти, но уделот во вкупниот пазар и натаму е на исклучително ниво. Најпопуларни возила од овој сегмент во Германија се плагин-хибридите, како Volkswagen Golf GTE и Audi A3 e-tron. Земјата, сепак, планира да воведе дополнителни бенефиции, иако тоа не се покажува секогаш како ефикасна мера, затоа што соседната Франција, иако нуди значително поголеми олеснувања за купувачите на електрични возила, бележи ист раст во продажбата како Германија.

Единствена земја со негативен тренд во продажбата на е-автомобили е Јапонија, што во голем дел се должи на повлекувањето на даночните олеснувања при купувањето на овие возила. Од друга страна, Јапонците и натаму повеќе се интересираат за класичниот хибриден погон, без можност за полнење на батериите со приклучување во струја.

Продажба на електрични и плагин-хибридни возила на 8-те најголеми пазари во светот

Земја Продажба во
Q1 2015
Пазарен удел Продажба во
Q1 2014
Пазарен удел Тренд
Норвешка 8,112 33.1% 5,775 15.8% 40.5%
Холандија 5,760 5.7% 3,306 3.1% 74.2%
В. Британија 8,684 1.2% 1,764 0.3% 392.3%
САД 14,832 0.8% 14,799 0.8% 0.2%
Франција 3,626 0.8% 1,801 0.4% 101.3%
Германија 4,520 0.6% 2,286 0.3% 97.7%
Јапонија 7,750 0.6% 9,626 0.6% -19.5%
Кина 12,555 0.3% 1,486 <0.1% 744.9%

 

Претходна објаваMercedes работи на екстремна верзија Black Series од GT
Следна објаваЕУ бара од Германија да воведе забранети зони за дизели во градовите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here