Ноемвриската продажба на возила во Европа порасна за 14 проценти

Европскиот и кинескиот пазар на автомобили забележаа огромен пораст во ноември, со продадени 1,13, односно 2,1 милиони возила. Русија и Бразил и натаму се во минус.

Продажбата на возила во Европа и во Кина забележа најголем пораст меѓу сите светски пазари во ноември. Европа доби 1,13 милиони нови возила во ноември, што претставува зголемување од 14 проценти во споредба со истиот месец лани. Уште поголем е порастот во продажбата во големата азиска земја. Мини-кризата на кинескиот пазар веќе е надмината и во минатиот месец таму се продадоа за 25 проценти повеќе возила отколку во ланскиот ноември. Вкупно 2,1 милиони Кинези се снабдија со нов автомобил, што се должи првенствено на даночните олеснувања за возила со пониска работна зафатнина на моторот кои беа воведени во октомври. На стабилно високо ниво се одвива и продажбата во САД, со 1,31 милион возила во ноември или 1,3 процент повеќе во споредба со ноември 2014.

Трите најголеми светски пазари ја задржаа стабилноста во текот на целата година. Со продадени 17,68 милиони нови возила (+7,8%) во периодот меѓу јануари и ноември, Кина ја зголеми својата предност пред САД, каде што на патиштата возат 15,75 милиони нови возила (+5,5%). Европа е на третото место со 13,05 милиони нови возила или 8,6 проценти повеќе во споредба со периодот од јануари до ноември лани.

Наспроти тоа, продажбата опаѓа рапидно во Јапонија, каде што од почетокот на годинава се продадоа 3,91 милиони возила (-9,9%). Уште поголем е падот во Бразил, со минус 24 проценти и 2,26 милиони возила, како и во Русија, кадешто во сообраќај се пуштени 1,45 милион возила или за 35 проценти помалку отколку лани.

Претходна објаваPininfarina стана индиска фирма за каросериски дизајн
Следна објаваЕлектромобилите на Renault извозеа 110.000 чисти километри за светската клима

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here