Авто салоните повеќе не се центар на светот на автомобилите. Ford го претстави освежениот компакт на саем за мобилни во Барцелона. Така е поевтино. Тоа сепак не прави новиот Focus да биде помалку вреден.
Емотивен и впечатлив дизајн, подобрен кокпит со полесно ракување, нови безбедносни и помошни системи, нови мотори според нормата Euro 6 – тоа е кусиот список на промените што ги доживеа шампионот на Ford за втората половина од моделскиот век. Јавноста го виде новиот Focus во живо за прв пат денес на саемот на мобилна телефонија во Барселона, а за десетина дена ќе следи и премиера на вообичаена локација, на салонот во Женева.
Главната промена во надворешниот дизајн е во маската, по пример на Fiesta и Mondeo, со која што повеќе се нагласува спортскиот настап на моделот. Повеќе промени има во кокпитот, кој сега го пречекува возачот со помалку копчиња и со подобра прегледност. Продажбата се очекува да стартува во вториот квартал од годинава. Во новиот Focus доживува европско деби и мултимедискиот систем Ford Sync 2. Истото важи и за новите бензински и дизелски мотори со зафатнина од 1,5 литар.
Нос во стил на Fiesta и на идниот Mondeo
Во предниот дел на Focus се воведени дизајнерските елементи што го карактеризираат изгледот на актуелната Fiesta и на идната генерација на Mondeo. Највпечатливи елементи се големата маска во форма на трапез и рабовите по должината на хаубата кои завршуваат во предните светла со издолжена и аглеста форма. Во истиот стил се преработени и задните светла кај комбилимузината и комбито.
Со намалувањето на бројот на копчиња и прекинувачи се постигна попрегледно ракување, со логично групирани функции. Комбинацијата од хромирани елементи и темни површини направи кабината да изгледа помодерно и попедантно. Зголемена е средишната преграда меѓу предните седишта и потпирачот за рака во неа отсега се дотерува по должина. Мултимедискиот систем Ford Sync 2 нуди колор дисплеј од 20 сантиметри што реагира на допир и подобрена гласовна контрола над радиото, климата и мобилниот телефон.
Подвозјето е темелно преработено
Инженерите на Ford повеќе се ценети по нивните мајстории во подвозјето. Тие извршија неколку промени со цел Focus да добие уште подобра управливост и поголема прецизност во управувањето, како традиционално силни страни на моделот. Геометријата на подвозјето е преработена, исто како и амортизерите и лежиштата, а зголемена е и структурната цврстина на носот на возилото.
Повторно има новитети и во делот на системи за асистенција. Тука спаѓаат самостојното паркирање, коешто сега умее да го паркира возилото попречно, како и системот за безбедност при излегување од паркинг наназад, кој што во три степени го предупредува возачот кога отстрана наидува возило.
Системот за спречување судир работи до 50 km/h
За безбедноста се грижи и системот кој самостојно го запира возилото при опасност од судир при брзина до 50 километри на час – претходно тој реагираше само до 30 километри на час. Новитет во европските модели на Ford претставува и системот за спречување на судир, кој во основа работи исто како претходниот, но надгледува поголемо подрачје пред возилото и реагира со самостојно сопирање и при повисоки брзини. При опасност од судир, тој прво го предупредува возачот преку звучни и визуелни сигнали, а ако возачот не реагира тогаш самостојно ги активира сопирачките. Новитет во радарскиот темпомат, кој го следи возилото напред на одредено растојание е можноста ова растојание да се дотерува во неколку степени.
Тоа што ќе ги израдува родителите со нов возач во семејството е системот My Key. Клучот од возилото се програмира на тој начин што се ограничуваат брзината на возилото и силината на радиото. Доколку другите патници немаат ставено безбедносен ремен, радиото не работи. Кога се користи овој клуч се оневозможува и исклучување на безбедносните системи, како контролата на стабилноста или системот за спречување судир. Биксенонските динамични светла отсега имаат подобрено осветлување на патот, а дополнително го зголемуваат и досегот на собореното светло при возење со повисока брзина, на пример на автопат.
Нови бензинци и дизели од 1,5 литар
Ford Focus е прв европски модел на марката што ќе ги користи новите четирицилиндарци од 1,5 литар, со директно впрскување, турбонатполнење и моќност од 150 и 180 КС. Еднолитарскиот мотор со три цилиндри и натаму останува во понудата, во верзиите со 100 и 125 КС. Деби доживува и 1,5-литарскиот дизел Duratorq TDCi. Овој мотор е достапен во верзии со моќност од 95, 105 и 120 КС. Дволитарскиот дизел со 150 КС сега троши 13 проценти помалку гориво. Во верзиите со автоматски менувач може да се доплати и за команди за ракување со менувачот на воланот.
Ford Focus моментно се продава на 140 пазари. Со цел да се задоволи растечката продажба на моделот на глобално ниво, дополнително ќе се зголеми продукцијата во осумте фабрики. Германскиот Зарлуис, како и во САД, Кина, Русија, Тајланд, Виетнам, Тајван и Аргентина ќе произведат повеќе од 1,5 милион примероци од Focus до крајот на годинава.
















