Повеќе простор во кабината, полесна каросерија и нови мотори и менувачи ќе бидат главен белег на следната генерација на компактот од Риселсхајм. Astra ќе стартува во вториот квартал од 2015 година.
Првите цртежи што произлегоа од фотографиите на маскираните прототипи кои моментно се тестираат на затворени пробни патеки откриваат дека идната генерација на компактот на Opel ќе добие повеќе исправен опаш во споредба со актуелниот модел и каросериски детали што ќе направат возилото да изгледа поблагородно, во согласност со намерата на Opel да ја позиционира Astra поблиску до премиум моделите во класата.
Во изгледот ќе бидат искористени повеќето стилски елементи од студијата Monza, што беше прикажана на салонот во Франкфурт. Лансирањето на моделот во вториот квартал од 2015 година воедно ќе се поклопи и со комплетирањето на новата генерација мотори и менувачи на Opel. Новата генерација на Astra ќе биде ослободена од „конкурентскиот притисок“ на Chevrolet, којашто при почетокот на продажбата постепено ќе го напушта европското тло.
Алуминиумска лајсна што се спушта од покривот и навлегува во задните светла ќе биде главниот стилски белег на Astra K. Тоа ќе направи каросеријата да изгледа пософистицирано и престижно. Насоката во која што се движи изгледот на компактот може да се насети и од последниот фејслифт на знаменосецот Insignia, со впечатлива хромирана лајсна назад и со „тешка“ маска напред, исто така хромирана. Првиот модел дизајниран според новиот правец на Opel ќе биде фејслифтот на Corsa, чија што премиера следува наесен.
Како основа за возилото ќе се користи освежена платформа Delta, којашто ќе донесе намалување на тежината за 40 до 80 килограми. Покрај комбилимузината со пет врати, во понудата ќе влезат уште купе, кабриолет и комби со продолжено меѓуоскино растојание, како и класична лимузина со четири врати. Први доаѓаат комбилимузината и лимузината, во средината на 2015, а кон крајот на годината ќе следи и комбито Sports Tourer. Кабриолетот и купето ќе се комерцијализираат на крај.
Новите мотори и менувачи конечно ќе го надминат заостатокот на General Motors зад конкурентите. Во Astra ќе доживеат премиера три нови семејства на мотори, со вкупно 13 бензински и дизелски мотори. Новиот едноцилиндарец со 3 цилиндри, турбонатполнење и 115 КС од Adam и од освежената Corsa ќе се вградува и во Astra. Најголемо учество во продажбата се очекува од 1,6-литарскиот бензинец, додека во спортските верзии и натаму ќе работи дволитарецот во верзија со турбонатполнење.
Шестстепениот мануелен менувач што дебитираше со воведувањето на новиот 1,6-литарски дизел во Zafira Tourer исто така ќе биде важен елемент во пазарниот настап на Astra. Германците веќе имаа преголеми проблеми да продолжат со усовршување на старите менувачи, чијашто основна конструкција потекнуваше од 1970-те. Новиот менувач тежи само 37 килограми и става акцент на лесни и куси одови.
















