Успехот на новиот модел на Tesla е зачудувачки, иако не и изненадувачки. Електроспецијалистот веќе има добиено 115.000 нарачки за Model 3 и со тоа повторно се воведуваат нови правила на игра во глобалната бранша.
Овој успех ќе се најде меѓу неизбришливите историски моменти во автомобилската индустрија. Tesla Motors досега има добиено над 115.000 нарачки за новата електрична лимузина од средната класа Model 3, со по 1.000 долари за резервација на примерок. Официјалното претставување на моделот со когошто Tesla Motors ја проширува понудата во сегментот што достапен за поширок круг купувачи се случи во последниот ден од март, во калифорнискиот Хоторн.
Во 20:30 часот по локално време, ексцентричниот милијардер Илон Маск се појави на бината да го претстави новиот модел, како четврта моделска серија во историјата на марката и како „Tesla за народните маси“. Облечен во црно, во стилот на легендарниот гуру на Apple, Стив Џобс, шефот на калифорнискиот специјалист за електричен погон постави реторичко прашање за избраните гости на презентацијата: „Кој од вас поседува Model S или Model X?“ Маск веднаш ја објасни и смислата на ваквиот вовед: „Ви благодарам што уплативте за Model S“. Публиката на тоа се реваншираше со громогласен аплауз и извици на одушевеност. Model 3 во продажба се очекува по цена од 35.000 долари.
До 350 километри со едно полнење на батериите
Изгледот на комбилимузината се надоврзува на воспоставениот стил на Tesla, што значи дека исклучува секаков вишок на екстраваганција и повеќе настапува умерено, а тоа и досега не им пречело на купувачите. Model 3 ќе се нуди во верзија со погон на две и на сите тркала и уште во основната изведба ќе забрзува до 100 km/h за помалку од шест секунди. Со едно полнење на батериите се постигнува досег до најмногу 350 километри.
Хардверот за „автопилотот“, односно комплетната сензорика за системите за автономно возење, вградени се фабрички. Во вообичаениот манир на Tesla, за овие системи да „проработат“, идните сопственици на Model 3 ќе мораат соодветно да доплатат за тоа. По традиција и ентериерот остапува од стандардите и сите информации се прикажуваат на џиновскиот дисплеј што е сместен во средишната конзола, вклучувајќи и неговото користење за пристап до сите функции на возилото.
Моментно се вршат завршните дотерувања на работата на пневматската амортизација кај прототипите. Засега се мошне скромни информации околу техниката на Model 3. Инженерите само наведуваат дека каросериската структура е изработена со примена на алуминиум и челик со висока цврстина. Перформансите секако дека ќе бидат послаби во споредба со поголемиот Model S или кросоверот Model X, соодветно на класата и на цената на возилото, но во секој случај ќе бидат супериорни во споредба со лимузините од средната класа со конвенционален погон.
„Гигафабриката“ веќе е готова и ќе претставува темел за успехот на Model 3
Илон Маск не пропушти да наведе дека скромно наречената „гигафабрика“ за батерии во Невада веќе почнува со работа. Станува збор за најголемата фабрика за батерии во светот и таа претставува суштински дел од очекуваниот успех на Model 3. Место да ги дообјасни техничките детали околу новиот електромобил, шефот повеќе сметаше дека постојат многу посуштински теми: „Ова е навистина важно за иднината на светот. Секоја година произлегуваат 53.000 смртни случаи поради отровните гасови.“
Model 3 е последниот развоен степен во зацртаниот план на Tesla Motors. Планот меѓу другото предвидува и калифорниската фирма да почне да заработува од продажбата на Model S и Model X, што во моментов не е случај. Доколку плановите се исполнат според предвиденото, Model 3 ќе стартува со испорака веќе в година. Но, ветувањата за пазарните стартови кај Tesla ретко се исполнуваат.
Во секој случај, околу Tesla Model 3 почнува да се создава култ. Уште во текот на ноќта, пред продажните локали на Tesla на целата територија на земјата почнаа да се создаваат колони од клиенти, само за тие да бидат меѓу првите што за 1.000 долари ќе резервираат примерок од новиот модел. Со новособраните 115 милиони долари од преднарачките, подобро е Tesla конечно да започне да ги испорачува возилата според ветеното.
















