Купето од Mercedes E-Class се враќа по пауза од две децении

Вистинско купе од E-Class долго време отсуствуваше од понудата на Mercedes. Последното купе со гените на вишата класа од Штутгарт беше претставено пред близу три децении, врз база на славната W124. Потоа следеа двете генерации на CLK со техниката од C-Class и генерацијата што само со името се претставуваше како E-Class Coupe, иако и нејзината база потекнуваше од моделот од средната класа. Сега конечно продолжува традицијата, со вистински E-Class кој надоместува за сите изгубени години. И додава уште нешто.

Во Штутгарт постепено се комплетира гамата на E-Class. По лимузината и подеднакво важното комби, вклучувајќи го и новиот член All Terrain, сега е на ред купето, по него ќе дојде и кабриолетот. Изгледот го следи новиот стил на „топло и ладно“ што претходно го добија купе-изведбите на C-Class и S-Class.

Како спортски модел, купето добива ниско поставена маска со централна ѕвезда, долга хауба, наназад извлечена линија на покривот и мускулести форми во опашот. Четирите странични прозорци без рамка и средишен столб остануваат како наследство од претходникот, исто како и водилката за стаклото во задните прозорци, за којашто и натаму повеќе одговара зборот пречка.

Mercedes-Benz E-Class Coupe

Mercedes не го остави својот последен модел без светска премиера – при отклучувањето на возилото, диодите во задните светла се вклучуваат сукцесивно нанадвор, додека при заклучување следи обратен редослед на светнување на диодите. Тоа, според Штутгарт е „Begrüßungsfunktion“ или поздравен чин, достапен само при доплата за мултибим-диодни светла. Предните светла што светнуваат во сина боја се веќе познат детал од поздравниот чин на сребрената марка.

Внатрешноста е целосно во стилот на E-Class, плус нешто екстра

Во кокпитот исто така може да се добијат двата дисплеја од по 12,3 инчи како во останатите изведби на E-Class, со три стилови на прикажување на информациите во дигиталната инструмент-табла: Класичен, спортски и прогресивен. Отворите за воздух во таблата се изведени во стил на млазна турбина, во мат сребрена боја и поставуваат спортски акцент. Останатите детали се веќе познати, почнувајќи од сензорските полиња во воланот и покрај главниот контролер во средишната конзола, до можноста за говорна команда.

Mercedes-Benz E-Class Coupe

Специјално за купето се нудат украсни два нови вида дрвени панели со отворени пори и сјаен финиш, на што се надоврзуваат прецизно изведени штепови на седиштата и воопшто детали коишто треба покажат дека купето е позиционирано повисоко од лимузината. Со должина од 4,83 метри (+12,3 cm), ширина од 1,86 метар (+7,4 cm) и висината од 1,43 метар (+ 3,2 cm), новата генерација го надминува претходникот во секој правец. Од ширината на трагата зголемена за 6,7 cm напред и 6,8 cm назад профитираат и возните својства, додека плусот од 11 сантиметри во меѓуоскиното растојание им оди во корист првенствено на патниците на задната клупа, кадешто имаат 7,4 сантиметри повеќе простор за колената. GT од вистински ков, особено кога комбинацијата вклучува и моќна машина под хаубата.

За пазарниот старт се достапни три бензински и еден дизел мотор, во дијапазон меѓу 184 и 333 КС. Подоцна ќе следат уште мотори и верзии со погон на сите тркала. Нов е дволитарскиот дизел во E 220 d со моќност од 194 КС и со емисија дотерана според најстроги норми. За новиот мотор со блок и глава од алуминиумска легура, еднократно турбонатполнење и променлива геометрија на турбината, фабриката наведува просек од четири литри на сто километри. Сите моделски изведби стандардно се испорачуваат со деветстепен автоматски менувач 9G-Tronic.

Моделските изведби во гамата на Mercedes E-Class Coupe

E 200 E 300 E 400 4Matic E 220 d
Мотор R4, 1991 ccm R4, 1991 ccm V6, 2996 ccm R4, 1950 ccm
Моќност 184 КС при 5.500/min 245 КС при 5.500/min 333 КС при 5.250 – 6.000/min 194 КС при 3.800/min
Вртежен момент 300 Nm при 1.200 – 4.000/min 370 Nm при 1.400 – 4.400/min 480 Nm при 1.600 – 4.000/min 400 Nm при 1.600 – 2.800/min
Потрошувачка L/100 km 6,0 6,4 8,1 4,0
CO2 [g/km] 136 147 183 106
0-100 km/h [s] 7,8 6,4 5,3 7,4
Крајна брзина [km/h] 240 250 250 242

Купето вози стандардно со подвозје Direct Control, спуштено за 15 милиметри во споредба со лимузината и во комбинација со амортизери што реагираат зависно од амплитудата на ударот од подлогата. Со доплата се нуди приспособливо подвозје Dynamic Body Control, со можност за избор на комфорна, спортска и спортска+ програма.

Пневматска амортизација, три степени на чувствителност, пет програми…

Секако дека не смее да отсуствува и специјалитетот на E-Class, пневматската амортизација, исто така со избор од три степени на чувствителност. Преку Dynamic Select може дополнително да се избете и една од програмите Comfort, Eco, Sport, Sport+ и Individual, којашто влијае врз чувствителноста на педалот за гас, работата на системот старт-стоп и на автоматскиот менувач и уште цела низа параметри.

Mercedes-Benz E-Class Coupe

Врв во понудата од онлајн-услуги е таканаречениот Consierge Service, преку когошто возачот може да резервира ресторан, да добие препорака за рута или информации за културни настани, како и да испраќа одредишта за навигација директно во возилото. Оваа услуга моментно е достапна во 19 европски држави.

Во поглед на системите за асистенција, купето од E-Class ја добива комплетната напредна технологија од лимузината, вклучувајќи ги прочуеното „пилотирано“ возење до 210 km/h или паркирањето на возилото преку мобилна апликација.

Купето од славната генерација W124 беше последен вистински E-Class

Новото купе се надоврзува на традицијата што датира од 1968 година, кога Mercedes го понуди купето од серијата W114/115, позната и како „/8“. Цели три генерации отсуствуваше вистински наследник на последното купе од E-Class, од серијaта W124 од 1984 година. Mercedes прво го замени неговото место со двете генерации на CLK, за потоа да го преименува моделот во E-Class Coupe, иако платформата и натаму потекнуваше од C-Class. Оваа забуна завршува со сегашното купе, коешто е 100% E-Class.

[FAG id=26737]

Претходна објаваВака завршуваат автомобилите со фалсификувана регистрација во Тајван
Следна објаваEuro NCAP ги прогласи најбезбедните автомобили во 2016

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here