Во понеделникот почна со работа првата фабрика за рециклирање батерии во Европа, со интегрирана механичко-хидрометалуршка постапка. Мерцедес-Бенц со тоа е прв производител во светски рамки, што го затвора кругот на суровини за батерии со сопствен капацитет.
Со фабриката за рециклирање во Купенхајм, град на југот, недалеку од Шварцвалд, Мерцедес-Бенц уште еднаш се покажува како пионер. Целта е вредните основни ресурси да се сочуваат во колку е можно поголем обем. Предност на фабриката е тоа што се очекува степенот на повраток преку механичко-хидрометалуршката постапка да изнесува преку 96 проценти.
Во Купехајм ќе се рециклираат суровини што се достапни во ограничени количини, како литиум, никел и кобалт. Овие суровини понатаму ќе се користат за изработка на батерии за новите возила на Мерцедес-Бенц.
Компанијата вложила двоцифрен милионски износ во изградбата на новата фабрика. На свеченоста присуствуваа канцеларот Олаф Шолц и министерката за животна средина на покраината Баден-Виртемберг, Текла Валкер.
Партнер на Мерцедес-Бенц во новата фабрика за рециклирање е технолошката компанија Примобиус, којашто е заедничко вложување на германскиот производител на индустриски постројки и машини СМС група и австралискиот специјалист за процесна технологија Неометалс.
Во рамките на научен проект со три германски универзитети, фабриката во дел е финансирана од сојузното министерство за економија и заштита на климата.

Што е интегриран механичко хидрометалуршки концепт на рециклирање
Фабриката на Мерцедес-Бенц за рециклирање батерии прва во Европа ги опфаќа сите чекори, од ситнењето на батериските модули, до сушење и подготовка на суровините за изработка на батерии. Механичката постапка ги двои суровините, на пластика, бакар, алуминиум и железо. Наспроти тоа, хидрометалуршката постапка е наменета за т.н. црна маса. Тоа се активни материи, од коишто се изработуваат електродите во батериските ќелии.
Преку хемиски процес посебно се издвоуваат скапите метали кобалт, никел и литиум. Рециклатите поседуваат висок квалитет и се соодветни за изработка на нови батерии.
За разлика од пирометалургијата, што претежно се користи во Европа, хидрометалуршката постапка троши помалку енергија и создава помалку отпад. Се работи на температури до 80 степени Целзиусови. Како и сите фабрики на Мерцедес-Бенц, билансот на ЦО2 е нула, односно се користи 100% зелена струја. На покривот се поставени фотоволтаици на површина од 6.800 метри квадратни, со моќност од преку 350 киловатпик.
Капацитетот на Купенхајм е 2.500 тони годишно. Суровините оттаму ќе се искористат за преку 50.000 батериски модули за новите возила на Мерцедес-Бенц. Планот е капацитетот да се зголемува.
















