Шефовите на Volkswagen го одобрија влегувањето во завршната фаза од развојот за новата евтина марка во концернот. Тринаесеттата марка на VW ќе конкурира првенствено на Dacia.
Волсбург повеќе години се подготвува да воведе евтина марка на пазарот, којашто ќе се спротивстави првенствено на глобалниот успех на романската марка на Renault и ќе се пробива на пазарите во развој. Стратезите на концернот сега го одобрија концептот и дизајнот на новиот евтин автомобил на Volkswagen. „Сите компоненти на возилото ќе потекнуваат од кинеско производство,“ изјави проект менаџерот Ханс Демант на салонот во Пекинг.
Највисокиот менаџмент на Volkswagen претходно го одобри воспоставувањето на новата марка што треба да стартува со продажба во 2016 година. Првиот модел на јавно неименуваната марка ќе чини околу 5.000 евра и ќе се продава само на кинескиот пазар. Доколку моделот постигне задоволителен успех, Volkswagen ќе ги вклучи и другите пазари како Индија, Латинска Америка, Источна Европа, Балтикот и Африка.
Проектот извесно време се наоѓаше во ќорсокак, затоа што на инженерите им претставуваше проблем да конструираат евтино возило што сé уште ќе ги задоволува строгите интерни стандарди за квалитет на Volkswagen. Со лансирањето на евтината марка,Volkswagen ќе конкурира на романската Dacia и ќе обезбеди голем раст во продажбата на пазари како кинескиот. Новата марка ќе биде 13-та марка во концернот од Волфсбург и ќе придонесе во исполнувањто на плановите, Volkswagen да стане најголем производител на автомобили во светот до 2018 година, пред Toyota.
















