Продажбата на автомобили на Mercedes во октомври порасна за 10 проценти, благодарение меѓу другото и на одличните резултати од кинескиот пазар. Месечната продажба достигна 155.189 возила.
Од двете марки патнички возила на концернот Daimler, од Mercedes и Smart, во октомври се продадоа 165.706 возила во светот, што е за 13 проценти повеќе во споредба со истиот месец лани. Само марката Mercedes постигна продажба од 155.189 возила, односно за десет проценти повеќе отколку во ланскиот октомври, додека марката Smart двојно ја зголеми продажбата, на 10.517 примероци, по глобалното лансирање на новите генерации на ForTwo и ForFour.
Mercedes го постигнува големиот раст во продажбата наспроти конкурентите Audi и BMW преку Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, каде што постои голем интерес за компактните комбилимузини и теренци на Mercedes, поради брзиот раст на средната класа население.
Половина од вкупната продажба на Mercedes GLK е постигната во Кина
Половина од продажбата на спортскиот теренец од средната класа GLK во десетте месеци од 2015 година е постигната во Кина, а се очекува таа да продолжи со уште порапидно темпо, откако Mercedes го лансираше наследникот GLC. Во Кина во октомври се продадоа вкупно 33.088 возила од марката Mercedes, додека САД следат со 28.952 возила и со раст од 1,3 процент. На европскиот пазар, 65.390 возачи добија нов модел на Mercedes.
Во периодот од јануари до октомври, вкупната продажба на возила од двете марки достигна 1,63 милион примероци (+16%), со 1,53 милион примероци од Mercedes (+15%) и 98.535 примероци од Smart, што е раст од 37% наспроти првите десет месеци лани.
















