Електричните возила обично се користат на куси релации. Кинескиот BYD смета поинаку и го претстави првиот меѓуградски автобус со погон на струја. Најавени се уште неколку модели.
Кинескиот производител BYD го претстави првиот туристички автобус со погон на струја на салонот на автобуси во Њу Орлеанс. Автобусот со капацитет за 47 патници може да совлада до 300 километри со едно полнење на батериите и постигнува крајна брзина од 100 km/h. За погонот на автобусот се задолжени два електромотора со моќност од по 245 КС и вртежен момент од 1.100 њутнметри, додека енергијата се акумулира во литиум-јонски батерии со капацитет од 365 kWh. Полнењето на батериите трае 2 часа на посебни брзи полначи.
Производителот планира покрај 12-метарскиот C9 да претстави и седумметарска изведба со досег од 200 километри, а се најавува и поголема верзија C10, со три оски и должина од 14 метри, исто така со досег од 300 километри. Сите три модели ќе се нудат на светскиот пазар.
BYD е еден од најголемите автомобилски производители во Кина, а во меѓувреме произведува и батерии. Концернот соработува и со германскиот производител Daimler, од кадешто произлегува и марката електрични автомобили Denza. Покрај тоа, од 2010 година кинеската фирма ги произведува и градските автобуси со погон на струја што се користат во Њујорк.
















