Зошто Volkswagen го избра името Moia за својата 13-та марка

Точно е дека името Moia се издвојува од останатите марки на концернот Volkswagen, но исто така е точно дека името не е избрано случајно да „двои“. Moia се помни лесно и е од женски род, но на што точно мислеа во концернот кога на единствената неавтомобилска марка ѝ го дадоа ова име?

Креативците во најголемиот производител на автомобили во Европа со месеци трагаа по вистинското име за новата марка во концернот Volkswagen, првата што не се однесува на производство на автомобили, туку на услуги за мобилност. Тие беа сигурни дека името треба да биде од женски род, да се помни лесно и да се изговара исто така, да биде разбирливо во повеќето земји низ светот и во никој случај да нема незгодно значење на некој од најзастапените светски јазици.

Изборот падна на Moia. Името е изведено од индискиот збор „маја“, што не значи друго освен волшебство, магија. Таа ќе им биде потребна на експертите од светот на дигиталниот свет, сместени во седиштето на Moia во Берлин, коишто со своите услуги сакаат (и мораат) да ги ослободат градовите од ламаринените лавини. Кога ќе дојде време Moia да нуди услуги со роботизирани такси возила, името од женски род ќе им дава поголема доверба на корисниците да ги пуштаат своите деца или блиски, компјутерска интелигенција да ги одведе до одредиштето. Moia асоцира и на мобилност, основното што го нуди компанијата.

Тоа што изненадува најмногу, во пријатна смисла, е фактот што името се избираше интерно, во рамките на концернот Volkswagen. Големите производители на автомобили за таа цел најчесто ги користат услугите на агенции, меѓу другото и специјализирани агенции за „измислување“ имиња на производи и услуги. „Моја“ меѓу другото звучи сосема одомаќено и на македонски, исто како и на повеќето словенски јазици. Повеќето и не разбираат вистински со што точно ќе се занимава Moia…

Претходна објаваВизионерскиот мотоцикл на BMW одликуван со врвна награда за дизајн
Следна објаваОва е најцрниот Bentley во историјата и има причина за тоа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here