Забрана за возење во Њу Делхи – Исклучок за дамите

Индискиот Њу Делхи се вбројува меѓу градовите со најзагаден воздух во светот. За следните две недели се воведува режим на возење пар-непар, а граѓаните го почитуваат, за да не плаќаат високи казни.

Во индиската метропола со 17 милиони жители за првпат е воведена забрана за возење поради енормната загаденост на воздухот. Во следните две недели секој ден на улиците ќе се менуваат возилата со парни и непарни регистерски ознаки. Индијците го почитуваат новиот режим, во спротивно следуваат високи казни. Делхи е еден од градовите со најзагаден воздух во светот.

За непочитување на ограничувањето на возење се плаќа казна во висина од 2.000 рупии, односно околу 28 евра. За тоа колку е висока казната, може да посведочи споредбата со минување на црвено светло. Казната за овој тежок сообраќаен прекршок изнесува само 100 рупии. Исклучок важи за дамите што се возат сами во автомобилот. Индијките обично стравуваат да го користат јавниот превоз, поради опасноста да бидат нападнати, а од истите причини избегнуваат и одење пеш.

Од забраната се исклучени и возилата со хибриден погон или со погон со автогас. Градските власти пуштија дополнителни 3.000 автобуси и ги советуваат граѓаните да се организираат за повеќемина да патуваат со еден автомобил.

Смогот уште надвиснува над градот и покрај забраната за возење. Индексот на загаденост на воздухот со неразградливи честички достигнува енормни 300 до 400 микрограми ПМ10 на метар кубен. Тоа е десетпати над препорачаната гранична вредност на дневниот просек според Светската здравствена организација. Честичките со големина под 2,5 микрометри се особено штетни, затоа што доспеваат директно во крвта и предизвикуваат рак.

Градските власти на Њу Делхи даваат добар пример. Министерот за животна средина Имран Хусаин патува со електрична рикша, премиерот Кеџривал патува заедно со двајца министри и двајца секретари, додека министерот за туризам Капил Мишра користи мотоцикл. Забраната не важи за мотоцикли.

Главнината од жителите на Њу Делхи не веруваа дека нивните сограѓани ќе ја почитуваат забраната, па се изненадени што во првиот ден од забраната, по улиците сообраќаат само возила со парни регистерски ознаки.

Претходна објаваSmart со нарачка на автомобил преку интернет и испорака до дома
Следна објаваТурски научници измислија пат што сам се одмрзнува

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here