Европската комисија побара Германија да се грижи повеќе околу квалитетот на воздухот во големите градови и предлага воведување зони со забрана за пристап за возила со дизел мотор.
Комисијата на ЕУ ѝ предлага на сојузната германска влада да воведе забрана за возила со дизел мотор во одредени градски подрачја. Забелешката на ЕУ произлегува од фактот што во 29 германски градови веќе со години се надминуваат дозволените дневни гранични вредности за азотен диоксид. Сојузната влада на Германија со тоа ја прекршува директивата за квалитет на воздух на ЕУ и не презема соодветни мери за проблемот да се стави под контрола. Според Брисел, причина за високиот степен на загаденост во Берлин, Минхен, Штутгарт и други поголеми германски градови е преголемиот број на возила со дизел мотори, коишто имаат привилегии при оданочувањето. Комисијата исто така препорачува Германија да ја промени даночната политика во тој поглед.
















