Двестотините електрични возила на Renault и Nissan ја поштедија атмосферата од 18 тони СО2, како официјален возен парк на светската климатска конференција во Париз.
Осум илјади делегати, претставници од медиумите и преговарачи ги користеа електричните возила на Renault и Nissan за време на климатската конференција во Париз, при што беа изминати над 110.000 километри со погон само на струја, без ниту грам штетна емисија или потрошен грам гориво. Возниот парк од 200 електромобили со којшто се превезуваа делегатите на двонеделната конференција на ОН за климатските промени, го поштеди светот од согорување 182 барели нафта и емисија на 18 тони штетен СО2.
Досега најголем возен парк од електрични возила на меѓународна конференција
Електромобилите направија над 3.800 трансфери превезувајќи ги пријавените делегати од хотелите до конференцискиот центар Бурже во северниот дел на Париз. Возниот парк се состоеше од компактниот Renault Zoe, Nissan Leaf и ванот со седум седишта Nissan e-NV200. Вработени во Renault и Nissan како возачи и амбасадори на електричниот погон за делегатите на COP21, како дополнување на јавниот превоз.

За првпат на конференцијата за климатски промени на ОН се користеше сопроцентен возен парк од возила на струја. COP21 резултираше со париска декларација за електромобилност и со повик за акција за климатските промени, како спогодба што има за цел да се зголеми бројот на електрични возила и да се прошири инфраструктурата од полначи. Алијансата Renault-Nissan е потписник на акцискиот план.
90 брзи и стандардни полначи за струја беа поставени низ Париз
Партнерите Renault и Nissan поставија мрежа од 90 брзи и стандардни полначи за струја на стратешки локации, за полнење на батериите на електромобилите. „Еколошката“ струја за полначите ја испорача француската компанија за електродистрибуција EDF. Тринаесет полначи ќе останат на разни локации во градот и ќе бидат достапни за користење за јавноста. Два брзи полначи се наоѓаат на аеродромот Шарл де Гол, два на париската обиколница и еден на аеродромот Орли. На овие полначи се постигнува 80-процентна наполнетост на батериите за само половина час.
Алијансата Renault-Nissan е глобален лидер во производството на возила со електричен погон, со над 50-процентно учество на нивните возила во светскиот возен парк од електромобили. Од комерцијализацијата на Nissan Leaf кон крајот на 2010 година, досега се продадоа над 280.000 возила на струја од двете марки.
















