Fiesta Econetic е меѓу најштедливите модели во класата, со потрошувачката од 3,2 литри дизел, додека бензинскиот Focus Econetic го стави во сенка досегашниот шампион Audi A3.
Ford им одржа дополнителен тренинг за штедливост на најважните моделски серии Fiesta, Focus и B-Max. Покрај тоа, Германците ги дополнија и функциите на опционалниот мултимедиски систем Ford Sync, кој доби говорна команда за блутут врската, приклучок USB, контроал на iPod, како и телематски систем за итен повик при незгода. Возачот отсега може да управува со одредени апликации за паметен телефон преку говорна команда, меѓу кои музичкиот сервис Spotify, аудио магазинот Kaliki и порталот на радиото Aha.
Четврта моделска изведба со погон на автогас
Понудата во гамата на миниванот B-Max се збогати со фабрички подготвена изведба со погон на автогас. Моторот е 1,4-литарски бензинец со 86 КС, а автогасот се чува во резервоар од 34 литри, дополнително на стандардниот резервоар за бензин од 48 литри. Со комбинирање на двете погонски горива може во еден потег да се минат и преку 1.000 километри. Освен во овој модел, Ford од претходно го нуди погонот на чистиот и евтин погонски гас во моделите Fiesta, C-Max и Mondeo.
Дизелската Fiesta троши просечно 3,2 литри дизел
Кога се работи за штедливоста кај дизелските модели во градската класа, Fiesta 1.6 TDCi Econetic отсега е на врвот. Потрошувачката на овој модел е дополнително смалена на 3,2 литри, со што германскиот модел се приближи на досегашниот ас во класата, Kia Rio 1.1 CRDi. Се најавуваат и неколку нови ставки во списокот на сериска и дополнителна опрема, но тоа сепак зависи од локалниот пазар.
Бензинскиот Focus го победи Audi A3
Новата моделска изведба во гамата на Focus го симна Audi A3 од шампионското место во класата. Ford Focus 1.0 Ecoboost 99g е прв компакт со бензински мотор што испушта помалку од 100 грами СО2 на километар. Тоа одговара на просечна потрошувачка од 4,3 литри. Досега Audi A3 1.4 TFSI и Focus 1.0 Ecoboost беа изедначени со 109 грами и 4,7 литри. Новата верзија исто така го користи еднолитарскиот турбобензинец со 100 КС и систем старт-стоп, повраток на енергијата при сопирање, варијабилна решетка на маската, лесноодни гуми и продолжен пренос. Верзијата Econetic дополнително поседува додатоци за подобрување на аеродинамиката во подот на возилото.
















