Ford го претстави најбрзиот сериски Mustang во 50 годишната историја на спортската легенда. Под хаубата работи мотор V8 со 500 КС – без помош од турбонатполнење.
Под хаубата на агресивно дизајнираниот спортски автомобил, којшто е достапен во ограничена серија за пазарите во САД и Канада, работи 5,2-литарски мотор V8 со моќност од преку 500 КС. Со бројни елементи од мотоспортот, Shelby GT350-R не се двоуми да се појави и на тркачка патека и со тоа поставува нови стандарди во својата класа. Единствената лоша вест е дека моделот нема да се нуди во Европа преку официјалната мрежа на Ford, за разлика од стандардниот Mustang, којшто за првпат во 50-те години на моделот наскоро пристига на европските патишта.
Под хаубата се наоѓа осумцилиндарец од 5,2 литри со моќност од преку 500 КС и вртежен момент од преку 540 њутнметри, како најсилен атмосферски мотор V8 што Ford го има произведено досега за своите сериски автомобили. Иновација во моторот е коленастото вратило „Flatpane“, коешто обично се користи само кај чистокрвни тркачки автомобили или егзотични спортски автомобили. Ракавците на коленастото вратило не се под вообичаениот агол за моторите V8 од 90 степени, туку се поставени под агол од 180 степени. Предноста од тоа е во директната реакција на гас и во големата моќност при високи вртежи.

















