Вистината полека излегува на виделина. Германскиот магазин auto motor und sport направи споредбено тестирање на осум модели со дизел мотор. Golf излезе најчист, Fiat 500X највалкан.
Изненадувачки резултати од првиот независен тест на азотни оксиди во реални услови на возење, по скандалот на Volkswagen. Според тестирањето што магазинот auto motor und sport го изврши во соработка со британските специјалисти Emission Analytics, Volkswagen Golf се покажа најчист во поглед на емисијата на штетните азотни оксиди. Магазинот пушти на споредбено возење осум модели на автомобили, на рута долга 100 километри, составена од градска етапа, возење по автопат и по спореден пат.
Иако сите осум тестирани возила се возеа дефанзивно на еко-турата на auto motor und sport, сите возила ги пречекорија законски пропишаните гранични вредности. Единствен исклучок: Volkswagen Golf имаше најдобри резултати на тестот, со вредности во рамките на законските прописи.
Иако е општо познато дека автомобилите во секојдневието трошат многу повеќе и испуштаат поголема количина азотни оксиди отколку при идеални услови во лабораторија, енормните отстапувања во услови на секојдневно возење ги изненадија експертите: „Незамисливо е еден компактен автомобил како Fiat 500X на пат да испушта десет пати поголема количина азотни оксиди отколку што е пропишано според нормата Euro 6“, коментира главниот уредник Јенс Катеман.
„Најголемото изненадување на нашиот тест на азотни оксиди во реални услови е тоа што дизел од Volkswagen испушта далеку најмала количина азотни оксиди“, оценува Катеман. Volkswagen Golf ја надминува дозволената гранична вредност на азотни оксиди од 80 милиграми на километар, за ‘само’ 1,9 пат. Тоа значи дека дволитарскиот TDI во реален сообраќај испушта во просек 148 mg NOx на километар.“
Сите останати дизел значително ја пречекоруваат лабораториската вредност. Најлоша вредност на мотор според нормата Euro 6 на тестот има Fiat 500X со 1,6-литарски дизел, кој во сообраќај испушта 845 mg азотни оксиди на километар. Тоа е 10,6 пати над дозволеното и шест пати повеќе од Golf. Шест пати се повисоки и вредностите на азотните оксиди на BMW X5 sDrive 26d, Opel Mokka 1.6 CDTI и на Volvo XC90 D5, додека пет пати над дозволените 80 mg NOx/km се вредностите на единствениот дизел според Euro 5 на тестот – на Audi Q3 2.0 TDI Quattro, задвижуван токму од „скандалозниот“ EA189. Неговата вредност е 864 mg NOx на километар, но за него важи гранична вредност од 180 mg според нормата Euro 5, така што тој ја надминува дозволената граница за 4,8 пати. Рекордер останува Fiat 500X.
Добри резултати покажаа дизелите на Mercedes и Mazda – Mercedes C 250 d T со 215 mg NOx по километар е 2,7 пати над граничната вредност на Euro 6, додека Mazda CX-3 Skyactiv-D 105 со 284 mg NOx е само 3,6 пати над лимитот. Изненадување е тоа што јапонскиот мотор ја постигнува оваа вредност без дополнителен третман на издувните гасови, односно само со моторни мерки, како ниска компресија.
















