Германски магазин по трагите на автомобилската мафија

Украдените автомобили обично се расклопуваат и се продаваат во делови. Со тоа се губи секаква трага за кражбата. Познатиот магазин AutoBild намести возило за кражба и го следеше секој натамошен чекор.

Огромни магацини со делови од украдени автомобили постојат насекаде. Криминалните банди имаат разработено прецизна шема на функционирање во којашто секој си ја знае својата задача. Еден бандит го краде возилото, друг го пренесува преку граница, некој трет го организира расклопувањето. На тој начин се отежнува влегувањето во трага на украдените автомобили, односно на деловите од нив, така што остануваат само малку можности за докажување на кражбата.

Магазинот Auto Bild спроведе експеримент за разоткривање како точно работат овие банди. Германците вградија повеќе ГПС-предаватели во осум години стар Volkswagen Caddy, обележаа неколку делови со боја и го паркираа во Герлиц, град што е најблиску до границата со Полска, каде што најчесто завршуваат украдените автомобили од земјата.

Крадците ја загризале мамката. Претходно тимот на магазинот го исклучил алармот на Caddy и овозможил системот да испраќа СМС порака кога некој ќе го стартува возилото без клуч. Потрагата можело да почне. Неколку часови подоцна пристигнале првите и координати за позицијата на возилото преку предавателите во него. Возилото се наоѓало шест километри оддалечено од местото на кражбата, во најблискиот град на полска територија. Тоа било оставено да мирува, за да се провери дали некој ќе го бара возилото – што е вообичаена метода меѓу крадците на автомобили.

За да ги избришат трагите, криминалците си ја делат работата. Еден член на бандата прво го мерка возилото, потоа доаѓаат двајца „колеги“. Едниот од нив е искусен за обивање, другиот е задолжен за возењето. Често пати се ангажираат и хакери, за надитрување на електрониката во автомобилот. Според Auto Bild, за возењето обично се избираат зависници од дрога, кои за награда добиваат пари или наркотици. Тоа има две предности: Ако полицијата ги фати, бандата не се доведува во опасност, затоа што зависниците не ги познаваат другите членови на бандата, а од друга страна, нарко зависниците не може директно да се поврзат со кражбата.

Auto Bild го докажа и расклопувањето на возилата. По десет денови од кражбата, редакцијата на магазинот доби сигнал од две различни места. Подоцна репортерите преку обележаните места откриле дека вратата од нивното возило била вградена во друго Caddy. Сопственикот на возилото тврдел дека ја купил вратата на отпад за автомобилски делови. Неговото возило претходно претрпело судир и тој за поправката користел делови од стари возила.

Вистинските сопственици на автомобили најчесто се немоќни во случаите како овој. Со исклучок на менувачот, моторот, контролните уреди, воздушните перници или навигациските уреди, поголемиот број од деловите на возилото нема втиснато сериски број преку кого што може да се докаже неговото потекло. За производителите е прескапо и логистички премногу комлицирано сите делови на возилата да се маркираат.

Претходна објаваОвие 20 модели издржуваат најмногу километри
Следна објаваMercedes отвори кафуле во Хамбург

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here