Пропаднатиот малосериски производител Wiesmann добива можност за камбек. Британец со индиско потекло планира да ја купи фирмата и да продолжи со производство во германскиот Дилмен.
Мануфактурата за спортски автомобили Wiesmann прогласи стечај во 2014 година, но сега добива шанса за камбек. Двајца британски инвеститори со индиско потекло, заедно со уште еден инвеститор, се заинтересирани целосно да ја преземат фирмата и да го возобноват малосериското производство во матичните погони на Wiesmann во германскиот град Дилмен.
Инвеститори се Рохин Бери и Анита Таталовиќ. Тие веќе имаат основано три фирми заради преземање на сите сегменти од Wiesmann. Едната фирма ќе ги преземе правата на марката, друга фирма ќе работи со недвижнините, а главното претпријатие Wiesmann Automotive GmbH ќе го презеде производството во Дилмен. Откупот ќе се врши во вредност меѓу пет и седум милиони евра. Во почетокот на декември ќе се состане одборот на доверители и заедно со стечајниот управник ќе се решава за повторниот старт на фирмата.
„Индија има голем потенцијал за ексклузивни спортски возила произведени во Германија“
Во почетокот е планирано да се продолжи со производство на последните модели, со можни мали измени. Потоа, Бери планира да произведува и верзии со волан оддесно, за индискиот пазар. Според британскиот бизнисмен, Индија има огромен потенцијал за ексклузивни спортски автомобили што се произведени во Германија.
Сахир Бери е братот на Рохин Бери и во Индија е високо ценет експерт за тјунирање, со неговата фирма со германски призвук Sportwagen Performance, којашто во 2012 година требаше да започне со продажба на возила на Wiesmann на индискиот пазар. Рохин Бери е директор на софтверската фирма Contec Global со седиште во Лондон и нуди безбедносни решенија во администрацијата на документи.
Фирмата Wiesmann е основана во 1993 година од браќата Мартин и Фридхелм Висман и до 2014 година произведе 1.600 возила. Моторите и менувачите пристигаа од BMW M GmbH. Во фирмата пред стечајот работеа 100 лица, а возилата чинеа најмалку 100.000 евра.
















