Високи и тесни гуми се новиот тренд во развојот на автомобилите

Децении наназад, автомобилските гуми стануваа сé поголеми и пошироки. Сега следува тренд во спротивната насока. Строгите еколошки барања условуваат еден нов вид автомобилски гуми.

Започнува нов тренд во развојот на автомобилски пневматици. Откако во минатите децении гумите стануваа сé поголеми и сé пошироки, трендот сега се префрлува на тесни гуми со мошне голем пречник. Овој вид на пневматици досега се користеше првенствено кај автомобилите со електричен погон, но истите ќе наоѓаат примена сé почесто и кај возилата со конвенционален погон.

Еден од пионерите во следењето на трендот на тесни гуми со голем пречник е Renault. Новата генерација на компактниот ван Scenic од следната есен ќе вози со бандажи од 20 инчи, вклучувајќи ја и основната моделска изведба. Оваа димензија досега се нудеше како скапа опција кај спортските купеа и спортските теренци. Кај Scenic сепак има една разлика. Ванот вози со гуми што имаат релативно мала ширина во споредба со пречникот од 20 инчи, односно со гуми со димензија 195/55 R20.

Со бандажи со пречник од 20 инчи и гуми 195/55, тркалата на новиот Scenic се 10 сантиметри повисоки отколку во претходната генерација на ванот

При ширина на газечката површина од околу 20 сантиметри, страниците на гумата се високи единаесет сантиметри, додека целото тркало има пречник од 72 сантиметри. За споредба, актуелниот Scenic вози со вообичаена димензија 205/60 на бандажи од 16 инчи. Тркалата се пошироки за десет милиметри, но пречникот е помал за речиси десет сантиметри.

Goodyear EfficientGrip Performance со димензија 195 55 R20 за новата генерација на Renault Scenic
Goodyear EfficientGrip Performance со димензија 195 55 R20 за новата генерација на Renault Scenic

Предноста на тркалата со голем пречник е во тоа што се деформираат помалку во споредба со помалите тркала, а со тоа се намалуваат отпорот при тркалање и самата потрошувачка на гориво. Французите уште не ги објавуваат податоците за потрошувачката на новиот ван, но дека „трикот“ функционира се докажа во еден друг сегмент.

Новиот тренд пристига од електричните автомобили

Електричните автомобили веќе подолго време користат пневматици скроени според новата мустра. BMW i3, на пример, вози на гуми со ширина од 15,5 сантиметри, но целото тркало е високо 70 сантиметри (155/70 R19). Шампионот во штедливост Volkswagen XL1 има уште потесни гуми (115/80 R15), при вкупен пречник на тркалото од 57 сантиметри.

Екстрашироки нископрофилни гуми денес не се реткост ниту кај малечките автомобили. Причината што доведе до толку голем раст во ширината на пневматиците е постојаното зголемување на тежината на автомобилите. За високата носивост, подобрените возни својства и впечатливиот изглед на широките пневматици сепак се плаќа скап „данок“. Возниот комфор се намалува поради зголемената тежина на тркалата, исто како и поради ниските страници на гумата коишто учествуваат во амортизирањето на нерамнините од подлогата. На тоа се надоврзуваат и поголем круг на вртење, порано „запливување“ на гумите при дожд (аквапланинг), како и зголемена потрошувачка. Најважното е тоа што и цената е соодветно повисока отколку кај гумите со стандардни димензии.

Сет од четири гуми по цена од 900 евра – двојно повеќе од обичните гуми

Во почетокот, сопствениците на автомобил со „тесни“ гуми исто така ќе мораат да плаќаат повеќе. Поради ретката димензија, комплет од четири пневматици е речиси двојно поскап од стандардните пневматици. Според цените на европските пазари, сет од четири пневматици Goodyear Vector 4 Season со димензија 195/55 R20 за Renault Scenic чини околу 900 евра. Наскоро производителот ќе ги пушти во продажба и зимските пневматици UltraGrip Performance со новата димензија „tall and narrow“. Но, како што ќе напредува трендот продукцијата на тесни и високи гуми ќе се зголемува, соодветно ќе се намалуваат и цените на гумите од овој сегмент.

Претходна објаваТакси компанија од Манчестер со посебна тарифа за играчи на Покемон Го
Следна објаваЕвропскиот пазар ја спасува глобалната продажба на Mazda

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here