Јајцевидниот PV444 го одбележа новиот старт на Volvo по втората светска војна и беше прв модел што Швеѓаните го извезоа во САД. На 1-ви септември ќе се одбележи јубилеј на моделот во кралска атмосфера.
На 1-ви септември пред 70 години се отвори една изложба што ќе биде многу важна за историјата на Volvo. Светот уште беше во војна, но Швеѓаните веќе размислуваа за мирните времиња, коишто и пристигнаа наскоро. На изложбата во новоизградената Кралска тениска хала во Стокхолм се прикажуваше сé што 18-годишната компанија имаше произведено дотогаш, што произведуваше и што планираше да произведува во иднина, откако ќе се врати мирот.
Меѓу експонатите можеше да се види сé со знакот на Volvo Group, почнувајќи од тенк, до мелница за кафе, но и нови модели на автомобили, како PV60 и PV444. Фабричкиот магазин „Ratten“ ги објави обата модела под насловот „Гулабите на мирот на Volvo“. Првиот од нив требаше да се појави уште во 1940 година, но војната го спречи тоа. Вистинска ѕвезда во Кралската тениска дворана беше „малечкиот Volvo“, PV444. Посетителите се туркаа во редици да го видат прототипот.
Volvo прими 2.300 нарачки за време на изложбата. Но, купувачите мораа да чекаат уште долго, затоа што тестирањето на прототипите уште не беше завршено. Дури на 3-ти февруари 1947 година, две и пол години по премиерата, беше потпишан договорот за испорака на првиот примерок, што требаше да се случи во март, по повеќе од две и пол години од премиерата.
PV444 беше првиот малечок автомобил на Volvo, но и прв модел со самоносечка каросерија. Четирицилиндарскиот мотор од 1,4 литар и моќност од 40 КС беше комплетно нов, за прв пат со вентили во главата на моторот. Првата серија од моделот беше лакирана во црна целулозна боја со метални честички, додека кабината беше лакирана во светло зелена. За десетина денови околу 150.000 посетители го видоа моделот. Сите што имаа телефонска претплата добиваа бесплатен билер за изложбата, но повеќето плаќаа по една круна за влезница. Парите од изложбата беа донирани во Црвениот Крст.
Во времето кога беа претставени PV60 и PV444, шведската марка извезуваше малку. Но, токму PV444 стана првиот автомобил на Volvo што згазна на најважниот извозен пазар, во САД. На 15-ти август, првата пробна испорака пристигна во Лос Анџелес. Една година подоцна, Volvo беше втора најпродавана увозна марка во Калифорнија.
Првично се планираше продукција од 8.000 примероци од PV444, што беше мошне амбициозно покрај фактот дека дотогаш Volvo немаше произведено повеќе од 2.000 примероди од своите модели. Но, малечкиот Volvo беше вистински погодок. До 1958 година се произвдоа близу 200.000 примероци, а доколку се смета и модернизираниот PV544, којшто се произведуваше до октомври 1965, тогаш серијата изнесува точно 440.000 примероци. Од нив, 160.000 отидоа за извоз, а останатите се продадоа во Шведска.
















