На салонот во Сао Пауло денес доживеа премиера концептот Kicks, со дизајн инспириран од уличната слика во бразилските градови. Зад концептот стои можниот изглед на наследникот на Juke.
Повеќе регионални центри за дизајн на Nissan работеа заеднички на изгледот на концептниот автомобил Kicks, со инспирација од бразилските улици. Дизајнерите препознаа дисхармонија меѓу бојата на автомобилите на бразилските улици, на коишто преовладуваат сребрената, црната и белата боја, со живописната природа на латиноамериканската земја. Нивната цел беше со прикажувањето на овој концептен автомобил да го премостат овој јаз.

Под раководство на глобалниот центар за дизајн во Јапонија, концептот го разви Nissan Design America во Сан Диего, со помош на колегите од неодамна отвореното студио Nissan Design America Rio. Таро Уеда, шеф во американското студио, открива дека неговиот тим има поголеми амбиции со концептот Kicks: „Се препуштивме на идејата за Бразил и ќе ја примениме истата во насока на подобрување на нашиот глобален дизајн, со што ќе постигнеме посилен дизајнерски идентитет за нашите идни креации.“
Салонот во Сао Пауло се одржува на секои две години, како најголема манифестација од овој вид во Латинска Америка. Концептот Kicks ќе го заземе средишното место на штандот на Nissan на овој салон.
















