Според тоа што се случува во развојните одделенија на повеќето производители, сé поблиску е времето кога автомобилите ќе паркираат сами, додека возачот веќе е седнат да пие кафе отспротива.
Следново сценарио не е дело од научната фантастика, туку е реалност. Honda Jazz запира полека пред главниот влез во супермаркет на периферијата на Токио, возачката излегува од возилото, притиска нешто на дисплејот покрај влезот и влегува внатре да го направи редовниот шопинг. Додека таа се премислува кој кашкавал е подобар избор, нејзиното возило се движи по паркиралиштето како да е водено од невидлива рака, им дава предност на другите возила, запира пред пешаците и се паркира самостојно на празното место. Кога госпоѓата ќе се врати по два часа, целото сценарио се одвива во спротивниот редослед: Се ракува со дисплејот пред објектот и по неколку секунди автомобилот пристига, секако свртен во насоката за излегување.

Производителите се готови, се чекаат уште законите
Honda не е единствена во својата визија за автоматски сообраќај во град. Повеќето производители на автомобили работат на електронски системи за паркирање, што умеат многу повеќе од обично пипкање и светкање или автоматско вртење на воланот. За две до три години е можно новите системи за паркирање да се појават во сериските возила. Развојните одделенија на авто гигантите веќе ја привршуваат работата и натаму ќе се чека уште одобрение од законодавците, како и подготвеност на супермаркетите да овозможат интелигентно паркирање на возилата.

Слични тестови како Honda прави и Audi. На последниот саем на електроника CES во Лас Вегас, Баварците пуштија модифициран A7 да паркира самостојно во специјално подготвено паркиралиште, додека возачот веќе имаше заминато. Системот оттогаш напредуваше чекор понапред. Хардверот е вграден во неколку прототипи за тестирање на системот, а тоа значи дека е на пат до сериското производство.
Електричниот BMW i3 веќе поседува напреден систем за паркирање

За автомобилите да паркираат сами, потребно е прво да се усовршат постоечките системи. BMW на истиот CES ја претстави следната генерација на системи за помош при паркирање, која што ја поседува и електричниот автомобил i3. Електрониката не само што го насочува возилото и го заменува возачот зад воланот, туку и самостојно го запира и забрзува возилото. Возачот само го држи притиснато копчето за паркирање во средишната конзола и гледа што се случува околу. Ако во меѓувреме пешак се приближи до возилото, возачот го отпушта копчето и чека додека се расчисти ситуацијата, пред да продолжи со автоматското паркирање.
Со помошта од камерите е непотребно да се гледа низ прозорец
За избегнување на вакви ситуации, производителите користат сé повеќе електроника. Веќе постојат неколку модели, почнувајќи од компакт класата па нагоре, што имаат камери на сите страни и на дисплејот прикажуваат заедничка слика со поглед од 360 степени околу возилото. Со таков систем е апсолутно непотребно да се гледа надвор од возилото додека се паркира истото.

Во новиот Nissan Qashqai, на пример, постојат електронски сензори што предупредуваат кога има подвижни објекти во подрачјата со послаба видливост. За разлика од обичните паркинг сензори, системот во Qashqai не ги препознава само објектите што се директно на патот на возилото, туку надгледува многу пошироко поле. Кога системот ќе препознае објект во движење, на пример дете што игра, возачот се предупредува и звучно и визуелно.
ZF развива „Паметно паркирање приколка“
На многумина возачи им претставува тешка задача да паркираат голем автомобил во тесен паркинг. Ако се влече и приколка, тогаш тоа е работа само за професионалци. За вакви случаи ќе помага системот за паметно паркирање приколка на познатиот добавувач ZF. Основа на системот е мобилна апликација, која што преку интернет се поврзува со управувањето и со моторот на возилото. Возачот управува со возилото однадвор и само со помош на прстот. Системот е веќе зрел за серија, се бара само производител што ќе го вградува во своите автомобили.

Постои верување дека со автомобилите што паркираат самостојно ќе се намали бројот на незгоди при паркирање, но не постојат податоци што можат да го потврдат истото. Можно е да се постигне и спротивен ефект. Постоечките системи за помош при паркирање можат да му влеат лажна сигурност на возачот, кој потпирајќи се на системот маневрира со возилото со повисока брзина и не реагира веднаш на предупредувањата.
















