Австриската влада со 72 милиони евра субвенција за електрични автомобили

Купувачите на електрични автомобили во Австрија од следната година ќе ги добиваат своите нови возила на струја по цена пониска за 4.000 евра. Австриската влада издвои 72 милиони евра за поттикнување на продажбата на електрични автомобили, вклучувајќи и поставување јавни полначи за струја. Вкупно 16.000 нови автомобили на струја ќе пристигнат на улиците со оваа мера.

Седумдесет и два милиони евра изнесува субвенцијата со којашто австриската влада ја поттикнува продажбата на електрични автомобили и плагин-хибриди. Со оваа мера, на австриските патишта ќе се појават 16.000 нови електрични автомобили, почнувајќи од март следната година и завршно со крајот на 2018 година. Министерствата за сообраќај и за животна средина покриваат две третини од вредноста на субвенцијата, преостанатата третина отпаѓа на увозниците на автомобили.

Две третини од сумата доаѓаат од државата, една третина од авто-увозниците

За приватните купувачи на електрични автомобили и возила со погон на водород е предвидена највисока сума за субвенција, којашто изнесува 4.000 евра по возило. За приклучни хибриди, односно плагин-хибриди, предвидени се по 1.500 евра по возило. Фирмите што својот возен парк ќе го обноват со возила на струја ќе добиваат по 3.000 евра по електрично возило, односно 1.500 евра за приклучен хибрид.

Две третини од вкупната вредност на субвенцијата отпаѓаат на набавката на електрични автомобили. Преостанатата третина е наменета за инвестирање во мрежата од полначи за струја. Секое поставување на брз полнач за струја што е достапен за јавно користење се субвенционира со 10.000 евра. Приватните корисници, покрај четирите илјади евра учество од државата и увозниците во цената на електричните автомобили, добиваат и по 200 евра субвенција при набавка на полнач за струја или специјален кабел за полнење. Нови полначи ќе се поставуваат и на железничките станици, на автопатиштата и на локалните патишта. Моментно во земјата има поставено 1.517 обични јавни полначи за струја и 389 брзи полначи.

Посебни регистерски таблички за подобро распознавање на електромобилите

Електричните автомобили во Австрија ќе добијат и посебни регистерски таблички, заради нивно полесно распознавање при користењето на планираните привилегии. Кои точно привилегии ќе ги имаат возачите на автомобили на струја во алпската држава, ќе биде познато наскоро. Обично станува збор за бесплатно користење на паркиралиштата или на лентите за јавен сообраќај, слободен пристап во строгиот градски центар или можност за паркирање на улица во зоните кадешто тоа е забрането за останатите возила, заради приклучување на полнач за струја.

https://automedia.mk/objavi/26203

Од почетокот на годинава во Австрија се продадени 2.917 електрични возила и 848 возила со плагин-хибриден погон. Најпродаван модел е Renault Zoe со 730 примероци, пред Tesla Model S (623), BMW i3 (563), Volkswagen e-Golf (382) и Kia Soul EV со 277 примероци. На овие пет модели отпаѓаат близу две третини од вкупната продажба на електрични автомобили во Австрија.

Претходна објаваVolkswagen ќе го извезува големиот теренец од САД за рускиот пазар
Следна објаваДамите го избраа Jaguar F-Pace за автомобил на 2016 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here